Најдени 350.000 евра во ѕид, под истрага е судија

Парите беа пронајдени во семејниот дом на родителите на судијата. Оваа акција е продолжение на истрагата од декември кога беше уапсен адвокат кој барал пари од осомничено лице за да даде поткуп и да влијае кај апелационен судија.

Судија од Апелациониот суд во Скопје е осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ во истрага што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Станува збор за судија по потекло од Неготино, каде на 18 јануари надлежните вршеле претрес и пронашле пари скриени во ѕид.

„Во домот на родителите на сега осомничениот судија, соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени“, соопшти ОЈО ГОКК доцна вечерта на 18 јануари.

Обвинителството најави дека „претресите и другите истражни дејствија продолжуваат“.

Истите информации ги објавија и од Министерството за внатрешни работи од каде во истрагата се вклучени припадници на Одделот за борба против организираниот криминал.

„Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност“, наведе МВР.

Повеќето медиуми објавија дека осомничениот судија е Ѓоко Ристов што надлежните не го демантираа.

 

slobodnaevropa.mk