На Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико ќе се натпреваруваат 48 репрезентации, ќе има 104 натпревари

Светското првенство во фудбал во 2026 година ќе биде прво во историјата кое ќе се одржи во три држави – САД, Канада и Мексико, наместо во една земја домаќин. Единствен преседан досега беше турнирот во 2002 година, кога домаќини беа Јапонија и Јужна Кореја.

Иако трите земји традиционално имаат добри односи, тие се влошија откако американскиот претседател Доналд Трамп го започна својот втор мандат. Неговите закани за анексија на Канада како „51-ва сојузна држава“ и трговските царини ја нарушија атмосферата меѓу двата сојузника. Односите со Мексико се дополнително затегнати поради прашањата поврзани со заедничката граница и најавите за можна употреба на воена сила против наркокартелите.

Повеќе тимови, повеќе натпревари
Турнирот ќе вклучи 48 репрезентации, значително повеќе од 32-те селекции на Светското првенство во Катар во 2022 година. Вкупниот број натпревари ќе изнесува 104, наспроти 64 на претходниот шампионат.

Отворањето е закажано за 11 јуни во Мексико Сити, со натпревар меѓу Мексико и Јужна Африка.

Наместо осум групи, ќе има 12 групи со по четири екипи. Првите две од секоја група, како и осумте најдобри третопласирани селекции, ќе се пласираат во новововедена нокаут-фаза од 32 екипи. Финалето ќе се игра во Њујорк/Њу Џерси на 19 јули.

Поголемиот број учесници овозможува дебитантски настапи за репрезентации како Зелено’ртските Острови, Курасао, Јордан и Узбекистан. Сепак, критичарите предупредуваат дека зголемувањето на бројот на тимови може да влијае врз квалитетот на играта.

Нови правила и контроверзи
ФИФА воведува задолжителни паузи за хидратација на сите натпревари – две паузи од по три минути, по околу 22 минути игра во секое полувреме, без разлика на временските услови.

Досега, вакви паузи беа дозволени само ако температурата надминуваше 31 степен Целзиусови. Новата одлука е поврзана со загриженоста за високите температури во некои од градовите домаќини.

Овие паузи, истовремено, им овозможуваат на телевизиските куќи да емитуваат реклами, што практично ги дели натпреварите на четири дела, слично како во кошарката и американскиот фудбал.

Покрај спортските новини, се отвораат и прашања за човековите права. Извештај на „Амнести интернешнел“ предупредува на „значајни ризици“ за навивачите, играчите, новинарите и локалните заедници, особено во САД.

Во Мексико, властите веќе мобилизираа околу 100.000 безбедносни службеници поради високото ниво на насилство. Во Канада, пак, постои загриженост дека бездомниците може дополнително да бидат маргинализирани во градовите домаќини како Ванкувер и Торонто.

Трошоците за патување и билети се уште една спорна тема. Големите растојанија меѓу градовите, како Ванкувер и Мајами, кои се оддалечени повеќе од 4.500 километри, го прават патувањето скапо дури и за навивачите од Северна Америка.

Цените на билетите предизвикаа и правна постапка од страна на организацијата „Football Supporters Europe“, која ја обвини ФИФА за „прекумерни цени“. На пример, билетите за отворањето на САД против Парагвај достигнуваат над 4.000 долари, додека финалните влезници се нудат за над два милиони долари на препродажба.

Политички прашања и случајот со Иран
Дополнителна неизвесност предизвикува и учеството на Иран, кој се квалификуваше за своето седмо Светско првенство. Иранските граѓани се соочуваат со ограничувања за патување во САД, каде треба да се одиграат нивните натпревари во групната фаза.

Иако играчите и стручниот штаб се изземени од забраните, не е јасно дали тоа важи и за официјалните лица. По неодамнешниот конфликт меѓу САД, Израел и Иран, иранската федерација дури најави можен бојкот.

Како компромисно решение, договорено е тимот да биде базиран во Мексико и да патува во САД само за натпреварите во Лос Анџелес и Сиетл.

 

DW