Недостиг на нафта поради војната со Иран

Војната со Иран и последователното затворање на Ормускиот Теснец — клучен поморски коридор низ кој пред конфликтот поминуваа околу 20% од светската трговија со нафта — предизвикаа шок во снабдувањето со размери невидени со децении.

Оваа ситуација ги натера државите ширум светот да бараат алтернативни извори за да го надоместат изгубеното снабдување. Многу влади, особено во азиските земји кои во голема мера зависат од енергија од Блискиот Исток, воведоа и мерки за ограничување на побарувачката на гориво.

Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) во март координираше масовно ослободување на околу 400 милиони барели нафта од итните резерви на индустриски развиените земји. Целта на оваа мерка беше да се обезбеди доволно снабдување и да се стабилизираат цените на суровата нафта.

Стратешките резерви како заштита од енергетски шок

Пред почетокот на војната,  глобалниот пазар на сурова нафта беше во вишок. Големите економии создадоа значајни стратешки резерви, при што најголеми залихи имаат Кина, САД и Јапонија.

Според податоците на Американската администрација за енергетски информации, заклучно со декември 2025 година, Кина располагаше со речиси 1,4 милијарди барели, вклучувајќи трговски и државни резерви.
САД  имаа околу 413 милиони барели во стратешките резерви и дополнителни 411 милиони барели комерцијални залихи.
Јапонија, пак, поседуваше околу 263 милиони барели во државно контролирани резерви.

Во Европската Унија, земјите по закон се обврзани да одржуваат резерви кои покриваат најмалку 90 дена нето-увоз или 61 ден потрошувачка. Земјите од ЕУ придонесоа со околу 20% од ослободените 400 милиони барели, при што Германија ослободи 19,5 милиони барели, Франција 14,6, Шпанија 11,6 и Италија 10 милиони барели нафта.

Индија, според истите извори, има околу 21 милион барели нафта во стратешките резерви, што покрива околу 9,5 дена нето-увоз на нафта, односно до 74 дена ако се вклучат резервите на државните енергетски компании.

Дополнително, милиони барели руска нафта што се наоѓаа на танкери кои останаа блокирани на море станаа достапни за азиските купувачи, откако САД привремено ги ублажија санкциите со цел да го зголемат глобалното снабдување.

Резервите се топат
Иако овие резерви досега помогнаа да се ублажи енергетскиот шок, речиси три месеци по почетокот на војната, сообраќајот низ Ормускиот Теснец останува во застој. Ова е случај и покрај навестувањата дека Вашингтон и Техеран се приближуваат кон договор за прекин на конфликтот.

Продолженото нарушување доведе до забрзано трошење на стратешките и комерцијалните залихи. Според МАЕ, глобалните резерви на нафта во март и април се намалиле со рекордни 246 милиони барели.

 

 

DW