Увозникот на бразилско пилешко месо не е казнет затоа што е спречено таа храна да се продава на македоскиот пазар, велат од АХВ. Но, оттаму не ѝ го соопштуваат името на фирма која не ги почитувала македонските забрани за увоз на ова месо поради ризик од птичји грип. Според информациите од АХВ еден увозник на замрзнати производи е казнет годинава за обид да продава помфрит со помина рок.
Вкупно 26 тони пилешки батаци без коска зачинети со ризик од птичји грип, 20 тони помфрит со поминат рок и 2 тони полузамрзнато месо пренесувано со обично комбе се дел од небезбедната храна која Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречи да заврши на заврши на македонската трпеза.
Проблемот со последната „заробена“ пратка од 13 декемрви од 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил е актуелната забрана во земјава за увоз на храна од оваа земја поради ризикот од птичји грип. Забраната важи за увоз на месо кое е заклано и сертифицирано пред први август годинава.
„Оваа фирма не е казнета, затоа што е спречен увозот, на санкции подлежат само оние оператори со храна кои ќе пуштат во промет небезбедна храна“, објаснуваат од Агенцијата.
Според законот, казни од 600 па се до 6 илјади евра може да им се изрече само на фирми кои ставиле во промет небезбедна храна.
Македонските закони налагаат проблематичната храна, како што во случајот е „фатена“ на Царина пред да влезе во маркетите се враќа назад кај производителот што ја извезува, додека таа што е „откриена“ во маркетите или фирмите кои ја доставуваат до маркети се уништува во депонијата „Дрисла“.
Од Агенцијата велат дека секоја пратка храна од животинско потекло, без оглед дали се работи за оваа фирма или за кој било друг увозник, задолжително подлежи на целосна официјална контрола при увоз.
„Контролата опфаќа најпрво преглед на придружната документација од аспект на здравствени сертификати, транспортни документи, фактури, царински документи итн. Потоа се врши проверка на идентитетот на пратката, како и физички преглед на самиот производ согласно важечките законски прописи“, се вели во одговорот за РСЕ.
slobodnaevropa.mk




