Непријателско расположение кон руската заедница во Германија

Насилни инциденти во секојдневниот живот, закани против руски ученици – поради воената агресија на Путин врз Украина, расте непријателското расположение кон Русите кои долго време живеат во Германија.

Роман Фридрих, ако може така да се каже, во моментов во Германија има улога на „пожарникар“. Социјалниот работник во келнската населба Хорвајлер се обидува да ги „изгасне сите пожари“ кои во земјата ги предизвика воената агресија на рускиот претседател. Тоа значи дека деноноќно организира помош за украинските бегалци кои доаѓаат во  Келн,  но истовремено има слух и за оние кои се обвинети поради војната на Путин – руската заедница во  Германија.

„Најмногу ме шокираше настанот во кој учителка од основно училиште побарала од едно дете со руско потекло да стане јавно да се изјасни околу  политиката на Путин  и да се дистанцира од неа“, вели Фридрих.

Нервите се при крај – навредите кон Русите се сè поголеми

Социјалниот работник, кој е роден во рускиот град Омск, а чија баба потекнува од Украина, во изминативе денови добил повеќе јавувања за инциденти кон руската заедница во земјата. Меѓу другото за момче од келнска гимназија кое било врзано и претепано од соученици, за навредите на кои била изложена една Полјачка во продавница поради тоа што мислеле дека е Русинка, или пак за училиште во кое се размислувала рускиот јазик да се избрише од предметната настава и да се замени со украински јазик.

Има многу вакви случки во секојдневниот живот, на работното место, во јавниот превоз и во училишниот двор. Но, сето ова е и одлична „храна“ за руската пропагандна машинерија која овие настани ги користи во своја цел. „Тагесшау“ известува дека дури и се измислуваат приказни за уништени автобуси поради антируски мотиви.

„Непријателското расположение сѐ уште не е широко распространето, но има зголемен број на поединечни инциденти. Пред војната многумина ги сметаа Русите за симпатизери на АфД, а сега за луѓе кои го разбираат  Путин.  Последицата е тоа што овие луѓе влегуваат во улога на жртви и уште повеќе се изолираат,“ стравува Фридрих.

Супермаркетите ги отстрануваат руските производи

Фридрих, кој течно зборува и руски и украински, неодамна разговараше со сопственик на супермаркет. По нападот на руско-полска продавница во градот Оберхаузен со искршени стакла и графити, многу сопственици на маркети не се сигурни дали е подобро да ги отстранат руските производи од асортиманот.

Микс Маркет, со 330 филијали во цела Европа, пријави два случаи на направена штета и на прашање на ДВ најави дека ќе го отстранат и онака малиот асортиман руски производи од рафтовите.

„Нашите тестенини ‘Пилмени’ се произведуваат во Нирнберг, свежото сирење Творог (словенски специјалитет) доаѓа од Полска, кондензираното млеко ‘Згушенка’ се произведува во Холандија, млечниот производ ‘Рјаженка’ доаѓа од Литванија, ‘руските’ колбаси се произведуваат во Баварија, пивото е од данската пивница ‘Карлсберг’, а слатките се произведени во Украина“, велат од маркетот.

За Роман Фридрих сето е ова е замаглување на суштината. Сега политиката треба да го заштити руското малцинство во Германија, во светло на растечкото непријателско расположение. „Кога има конкретен случај на поттикнување на омраза, тоа е случај за обвинителството. Не може одговорноста да му се префрла на целиот руски народ. Општеството и правната држава мора да бидат проактивни и одлучни во борбата против ваков развој на нештата.“

Телефонски терор против Руското училиште во Бон

И Нарина Карицки од почетокот на војната „глуми” пожарникар и има полни раце работа. Таа е основач на Руското училиште во Бон, кое постои од 2011 и до денес е директорка. На почетокот бил мал проект за изучување на рускиот јазик, а сега попладневните часови се свртувалиште за 500 семејства и деца каде 25 наставници предаваат и уметност, класичен балет, па дури и роботска технологија.

„Моите колеги неодамна добија телефонски повик од господин кој живее во близина на училиштето и вели дека сме биле срам за цела улица. ‘Вие убијци’ ни врескаше на телефон”, раскажува таа.

Карицки има доживеано слични ситуации како Фридрих. Млади луѓе кои навредуваат на улица. Возрасни кои викаат по деца во автобус поради тоа што меѓу себе разговарале на руски. Наставници кои од учениците барале категорично да се декларираат против  Путин.  И многу родители кои по нападот врз рускиот супермаркет во Оберхаузен прашуваат дали воопшто уште можат да си ги праќаат децата во руското училиште. „Страв им е дека на децата нешто може да им се случи”, вели таа.

Руското училиште би требало да се вика Источноевропско, ако се суди по составот на учениците кои ги има и со ерменско, казахстанско или грузиско потекло. Речиси секоја втора фамилија, пак, е од Украина. Кога почна војната, Нарина Карицки, Русинка со ерменски корени, добила писмо од една украинска мајка.

Ѝ пишала дека многу ѝ е драго што ги носи децата во училиштето и сака да продолжи, но прашувала што таа мисли за инвазијата, дали е за или против. Битно ѝ било да знае каков е ставот на училиштето во врска со тоа. „Како некој кој зборува руски се срамиш, иако немаш никаков придонес за случувањата”, вели Карицки.

Откажувањето на школска театарска претстава ги подгрева духовите

Директорката на Руското училиште зазема јасен став и јавно и остро го осуди нападот кој се коси со меѓународното право. Дотолку позачудена била кога Рајнскиот регионален музеј во Бон краткорочно ѝ ја откажал за крајот на мај планираната театарска претстава на училиштето, која требало да се игра на руски јазик.

„На први март стаса кратка и јасна порака во само една реченица: ‘Се повлекуваме од понудата од политички причини.’ Тоа многу ги погодило, вели директорката. Во претставата улоги имале и лица од  Украина,  но тоа многумина тешко може да го разберат, бидејќи го перцепираат институтот само како руски”, вели Карицки.

Затоа директорката ѝ пишала на градоначалничката на Бон емотивно писмо. Во меѓувреме музејот, кој инаку низ годините имал плодна соработка со училиштето, побарал прошка од Нарина Карицки. Театарската претстава сепак ќе се одржи. Карицки затоа апелира: „Луѓето мора  да разликуваат меѓу војна од една страна и деца и семејства кои се мирољубиви и живеат овде и немаат никаква врска со тоа, од друга страна. Војната можеби се води во име на народот, но ние јасно кажуваме дека тоа што таму сега се случува – тоа не е Русија.”

извор/фото: Дојче Веле