Не е прифатен предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата на 500 евра. Како што изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по денешната седница на Економско социјалниот совет, тие дури биле опоменати затоа што бараел многу.
„За жал големо разочарување, нема изгледи за зголемување на минималната плата. Тоа што го слушнавме внатре е дека ССМ многу барал, дека работниците многу бараат и дека им е доста, дека со тие плати треба да бидеме среќни што ги добиваме“, изјави Трендафилов.
Тој посочи дека работодавачите, за жал, сметале дека нема простор за зголемување на минималната плата и дека доволно ги плаќаат работницте, како и дека работниците не биле продуктивни.
„Колку нѐ плаќаат, толку сме продуктивни, колку повеќе ќе не плаќаат, толку повеќе ќе бидеме продуктивни“, рече Трендафилов.
Тој сепак посочи дека била прифатена иницијативата на ССМ да се разговара за платите на вработените во приватниот сектор, во јавниот сектор како и за растот на минималната плата.




