Повереник – Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, одржа работна средба со новиот сопственик на “Ресорт Маврово”, Љубе Кутлешоски, успешен бизнисмен од Австралија и сопственик на компанијата „Бесијан холдингс ПТИ ЛТД“ (Besijan Holdings PTI LTD).
На средбата, Љубе Кутлешоски официјално го информираше Повереник – Градоначалникот дека се целосно завршени сите правни и финансиски постапки, како и преземените обврски околу купопродажбата на Ресорт Маврово.
Со ова, процесот на сопственичка трансформација е комплетиран, што отвора пат за нов инвестициски циклус и развој на Маврово како врвна туристичка дестинација.
На средбата беше нагласена:
Новиот сопственик потврди дека се направени сите неопходни технички и организациски подготовки за успешна зимска сезона.
Скијачките патеки и опремата се во одлична состојба и подготвени за првите туристи.
Беше најавено дека во наредните денови во целосна функција ќе бидат ставени сите хотели од „Ресорт Маврово“ (Спорт, Смрча, Лоџ) со што ќе се обезбеди квалитетно сместување и врвна услуга за посетителите.
Повереник – Градоначалникот, Онер Јакупоски изрази задоволство од сериозниот пристап на новиот инвеститор и нагласи дека Општината ќе биде партнер во сите идни проекти кои значат развој на туризмот и нови работни места.
„Влезот на капитал од дијаспората, конкретно од Австралија преку компанијата на Кутлешоски, е од огромно значење за нашата општина.
Вестите дека Ски центарот и сите хотели се подготвени за старт на сезоната се одличен сигнал за локалната економија.
Маврово се враќа на мапата како лидер во зимскиот туризам,“ изјави Повереник – Градоначалникот Јакупоски.
Оваа соработка најавува успешна зима и долгорочна стабилност на еден од најважните туристички капацитети во државата.



