Државните медиуми во Србија беа едногласни во пофалбите за договорената воена соработка меѓу Србија и Унгарија: „Бомбата која го тресе регионот“, напиша таблоидот Информер. Владиниот весник „Курир“ го оцени како „историски момент“. „Новости“ зборува за „нови докази за железно пријателство“, а порталот „Република“ тврди дека „Хрватите и Албанците се во паника поради српско-унгарскиот воен сојуз“.
Без разлика дали се работи за весници, ТВ-станици или интернет портали, сите медиуми под строга државна контрола едногласно известија за воениот сојуз кој на почетокот на април во Белград го потпишаа министрите за одбрана на Унгарија, Кристоф Салај-Бобровнички и на Србија, Братислав Гашиќ. Неколку дена подоцна, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, го најави влегувањето на тој ентитет на Босна и Херцеговина во „новиот воен сојуз“.
Српските медиуми од двете страни на Дрина го претставија новиот „воен пакт“ како реакција на неодамна договорениот воен сојуз меѓу партнерите во НАТО, Хрватска и Албанија, како и Косово, чија независност од Србија Белград не ја призна ни повеќе од една и пол деценија подоцна.
„Она што е особено загрижувачко“ е тоа што „тој воен сојуз е формиран без консултации со Белград“, критикуваше Министерството за надворешни работи на Србија. Се додава и дека целта на договорот е да се изолира Србија и да се создадат „паравоени структури“ на Косово, како и дека тоа претставува „груба провокација“.
Воен договор меѓу Загреб, Тирана и Приштина
Што всушност предвидува договорот меѓу владите во Загреб, Тирана и Приштина? Договорот што го потпишаа министрите за одбрана на Хрватска, Албанија и Косово на 18 март 2025 година во Тирана предвидува соработка во рамките на Стратешкиот концепт на НАТО и безбедносната политика на Европската унија. Да се зајакне соработката меѓу индустријата за оружје и обуката на војниците и офицерите. Предвидени се и заеднички воени вежби.
Во рамките на евроатлантските интеграции, еден од фокусите е на мерките за борба против сајбер нападите и кампањите за дезинформација. Иако Србија тврди дека е загрозена од тој нов воен сојуз, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ уверува: „Овој меморандум за соработка нема никаков непријателски карактер“.
Сепак, децениските национални ривалства и непријателства меѓу Србија и Хрватска го поттикнаа трилатералниот договор. Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ се радуваше: „Помина времето кога Хрватска мораше да го прашува Белград што смее и како треба да постапи. Тоа никогаш повеќе нема да се случи“.
Загрепски „Јутарњи лист“ тврдеше дека семоќниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, доживеал нервен слом поради тој договор. Затоа беа сосема логични триумфалните наслови во српскиот печат: „Хрватска и Албанија добија експресен одговор: Унгарија и Србија потпишаа воен сојуз“.
Што се договорија Белград и Будимпешта?
Меѓутоа, ако подобро се погледне „воениот сојуз“ меѓу Белград и Будимпешта, кој е претставен како историски, може да се види дека тоа е политички спин на медиумската сцена контролирана од Вучиќ. „Тоа е во согласност со другите маркетиншки трикови на Вучиќ“, изјави опозицискиот политичар Петар Бошковиќ за „Данас“, белградски весник кој е критичен кон владата во Белград.
Српскиот воен експерт Александар Радиќ на неколку портали објасни за што всушност се работи: „Нема никакви елементи на воен сојуз“, стои во неговата анализа. Помпезно најавуваниот договор содржи само конкретни проекти за воена соработка кои се договараат годишно врз основа на рамковниот договор од 2023 година. Самиот Вучиќ возврати: „Целта е воено сојузништво“, за кој курсот дури сега е поставен.
Зголемен ризик од војна на Западен Балкан?
Сепак, без оглед на договорената воена соработка, и колку и да е таа нејасна, во регионот на Западен Балкан со години е забележлива драстична акумулација на оружје. Хрватска, на пример, која штотуку повторно го воведе воениот рок, купи борбени авиони Рафал од Франција и преговара за испорака на тенкови Леопард. Србија, исто така, потпиша договор со Париз за купување на ист тип на повеќенаменски борбени авиони, а набавува и системи за вооружување од Русија и од Кина. „Фитилот на Балканот е сè уште краток“, е насловот на извештајот на германскиот Бундесвер за состојбата во Босна и Херцеговина објавен минатиот јануари. Па, колку е експлозивна ситуацијата?
Иако сè уште важи мотото на сараевскиот портал Кликс: „Непријателот на мојот непријател е мој пријател“, ако погледнете подлабоко зад воената рамнотежа на силите, војна во блиска иднина не е веројатна. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на почетокот на април изјави дека нема потреба ситуацијата во тој регион да се става на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел. Пред нешто повеќе од една година, неговиот претходник Јенс Столтенберг, исто така, увери дека нема директна воена закана.
„Мали се шансите да избие вистинска војна“, сигурен е и Вук Вукасановиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика. И покрај повторното вооружување, смета Вуксановиќ, тие земји не би имале доволно ресурси за конфликтот, а пред сè – локалните елити би морале да се плашат за своите позиции во случај на војна.
НАТО има контрола
Покрај тоа, НАТО има силно присуство во регионот. Освен Косово, членки на сојузот се и сите соседни земји на Србија и на Босна и Херцеговина. САД управуваат со големата воена база Бондстил во Косово. Романската воздухопловна база Михаил Когелничану во близина на Констанца моментално се проширува по цена од најмалку две и пол милијарди евра со цел да стане најголемата база на НАТО во Европа и да смести 10.000 војници. Голема поморска база веќе долго време се планира во пристаништето Драч на јадранскиот брег на Албанија. Водењето војна против таа воена сила би било еднакво на харакири.
DW