Актуелните земји-кандидати за членство би можеле да и се приклучат на Европската Унија без да добијат полни права на глас, пишува Политико во анализа на новиот предлог кој треба да и даде нов замав на политиката за проширување на ЕУ.
Според Политико, предлогот за промена на правилата за членство во ЕУ е во рана фаза и би требало да биде одобрен од сите постојни членки, според тројца европски дипломати и еден официјален претставник на ЕУ запознаен со дискусиите. Идејата е новите членки да добијат полни права откако ЕУ ќе го реформира начинот на функционирање, така што ќе биде потешко за поединечни земји да ставаат вето на политики.
На почетокот на есента актуелен беше планот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за укинување на едногласноста при одлучувањето за прашања од надворешната политика и проширувањето во ЕУ. Но, таа идеја е веќе напуштена откако беше отфрлена од повеќе земји-членки.
Сега, владите на земјите-членки кои го поддржуваат проширувањето, како Австрија и Шведска, сакаат да му дадат нов живот на процесот со новиот план.
„Идните членки треба да се обврзат дека ќе се откажат од правото на вето сè додека не се спроведат клучни институционални реформи- како воведување на квалификувано мнозинство во повеќето области на политика“, изјави за Политико Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за европски прашања во германскиот Бундестаг. „Проширувањето не смее да се забавува поради блокирање на реформите од страна на поединечни членки.“
Иницијативата би им овозможила на земјите кои се на патот кон членство, како Украина, Молдавија и Црна Гора, да уживаат многу од придобивките на членството во ЕУ, но без право на вето- нешто што владите на ЕУ отсекогаш го сметале за крајно средство за спречување на непожелни политики.
Размислувањето зад предлогот, кој неформално се дискутира меѓу земјите-членки и Комисијата, е дека новите земји би можеле да се приклучат под пофлексибилни услови, без потреба од измена на основните договори на ЕУ, што неколку влади го сметаат за невозможна мисија.
DW




