Проектот за паркинг во Скудриње конечно одглавен:
Објавен тендер за реконструкција на пристапен пат со паркинг простор.
По повеќегодишно тапкање во место и заглавеност, Општина Маврово и Ростуше информира дека конечно е „одглавен“ проектот за реконструкција на пристапен пат со паркинг простор во село Скудриње во вредност од 14.455.240 денари без ДДВ.
Повереник – Градоначалникот на општината, Онер Јакупоски, заедно со стручните служби, успеа да ги надмине долгогодишните „лавиринти на непостапување”, со што официјално е отворена јавната набавка за изведување на градежните работи.
Што опфаќа овој значаен проект?
Целосна реконструкција на пристапниот пат, со што ќе се олесни секојдневното движење на жителите.
Изградба на современ паркинг простор, кој е од витално значење за Скудриње, како едно од најголемите населени места во општината.
Изградба на потпорни конструкции, со цел долгорочна стабилност на теренот и безбедност на инфраструктурата.
„Овој проект беше еден од најголемите предизвици бидејќи предолго време стоел во фиока поради нерешени процедури.
Денес, со објавувањето на јавната набавка, ставаме крај на ветувањата и започнуваме со реална реализација. Граѓаните на Скудриње заслужуваат функционални решенија за сообраќајниот хаос“, изјави Повереник – Градоначалникот Онер Јакупоски.
Општина Маврово и Ростуше продолжува посветено да работи на деблокирање на сите заглавени проекти кои се од витален интерес за локалното население.



