Актуелниот македонски амбасадор во Норвешка и Исланд, кој е и поранешен министер за економија, Дритон Кучи, се врати во Македонија. Обвинителството посочува дека за него се бараат мерки за обезбедување на присуство, додека се води постапката.
Тој е последниот 19-ти осомничен во проширената истрага, објави РЕПУБЛИКА.
Основното јавно обвинителство Кочани денеска до Основниот суд во Кочани достави предлог за определување мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен на кого беше проширена истрагата за пожарот во кочанската дискотека ‘Пулс’, соопшти Обвинителството.
Претходно, ексминистрите за економија, Ваљон Сарачини и Беким Незири добија куќен притвор, додека ексдиректорот на Дирекцијата за заштита и спасување и актуелен министер без ресор, Шабан Салиу доби ефективен притвор.
Ова се само дел од изречените мерки за новоосомничените за пожарот во кочанската дискотека, по проширувањето на истрагата. Освен Салиу, уште три други лица добиле притвор, а Обвинителството не открива кои функции ги имале. Со Сарачини и Незири, притвор добија и други четири лица. Останатите осум осомничени – имаат мерки на претпазливост.
Се води истрага за 47 лица и за три правни лица.
Истрага се води и против седум полициски службеници. Се преземаат истражни дејствија – рече јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Мерките на претпазливост се одредуваат поради опасност од бегство.