Девет години по насилниот упад во Собранието на 27-ми април 2017 година, и седум години по пресудата во најобемниот судски процес со кој на затворски казни за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста беа осудени 16 лица, осудените најавуваат дека е време вистината да излезе на виделина.
Денеска напладне пред Основното јавно обвинителство прес-конференција ќе одржи Јане Ченто, осуден во предметот за 27-ми април.
„Време е за вистинска правда и вистината за 27-ми април. На прес-конференцијата ќе бидат споделени информации за поднесување кривична пријава против поранешен јавен обвинител со иницијали В.Р. и ќе бидат изнесени детали и аргументи поврзани со постапката“, се наведува во објавата, најавена како почеток на процес за утврдување одговорност и расчистување на сите околности поврзани со судскиот процес за 27 -ми април.
Многу работи ќе излезат на површина
Иницијалите без сомнение се однесуваат на поранешната обвинителка Вилма Русковска. Јане Ченто, пак, во јавноста е доживеан како најсигнификантна личност кога станува збор за предметот од 27-ми април. Не само поради тоа што на социјалните мрежи често најавува дека ќе се бори додека правдата не победи, туку и затоа што врз основа на невистинити информации од полицаец во 2018 година беше префрлен од куќен во затворски притвор. Полицаец од Прилеп за ова доби условна казна, бидејќи во 2018 година напишал белешка дека осудениот Јане Ченто не ја почитувал мерката куќен притвор што му беше одредена во предметот „27 април“.
Било констатирано дека службеникот од МВР фалсификувал исправа, во која внел невистинити информации, а Апелацискиот суд во 2023 година ја потврди ваквата пресуда и ја одби жалбата на полицаецот.
Но, минатата недела Апелацискиот суд го одби барањето за повторно судење за 27-ми април. Јане Ченто во објава на Фејсбук искоментира дека тоа е очекувано од систем што со години се штити сам себеси. „Но ова не е крај. Ова е само уште еден доказ дека правдата тука не доаѓа сама туку се освојува. Битката продолжува, и ќе продолжи со сите расположливи механизми. Очекувам новиот Јавен обвинител да постапи соодветно во периодот што следи и да покаже дали конечно ќе има вистинска правда. Следува период во кој многу работи ќе излезат на површина“, најави тој.
Во мај 2023 година Врховниот суд ги одби барањата за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „27 април“, со што практично ги потврди одлуките што претходно ги донесоа Основниот кривичен и Апелацискиот суд во Скопје.
Русковска: Зошто јас?
Како се готвело обвинението и како се судело за настаните од 27-ми април е прашање кое осудените го поставуваат од почетокот на процесот до денес.
„Обвинението беше напишано врз база на материјани докази пред се, а и на вербалните со кои раполагаше Обвинителството“, одговори пред три дена Вилма Русковска во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
На коментар од гледач дека „таа треба да одговара за незаконско судење за 27-ми април и лажни докази“, Русковска праша: Зошто јас?
„А каде се судиите на Апелацискиот суд што ја потврдија пресудата? А каде е обвинителот што го застапуваше предметот пред Апелација? А каде се судиите на Врховниот суд кои ја потврдија пресудата? А каде е обвинителот што го застапуваше преметот пред Врховниот суд? Каде се сите други?“, реторички праша Русковска.
DW




