Падот на цените на златото и среброто по рекордните нивоа предизвика паника на пазарите

Што стои зад ненадејниот пресврт кај златото и среброто?
По рекордните нивоа во претходната недела, цените на златото и среброто доживеаја остар и драматичен пресврт. Еуфоријата на инвеститорите за само неколку часа прерасна во паника, предизвикувајќи најголема дневна загуба на златото во повеќе од четири децении.

Што се случи со цените на златото и среброто минатата недела?
Во четвртокот златото достигна историски рекорд од над 5.580 долари (4.705 евра) за унца. Но веќе следниот ден падна за речиси 16 проценти – најголем дневен пад од почетокот на 80-тите години. Распродажбата продолжи и во понеделник, кога цената падна за уште 3,3 проценти, на 4.545 долари за унца.

Претходниот раст беше поттикнат од силната побарувачка за „безбедни инвестициски засолништа“, поттикната од упорната инфлација во големите економии, трговските тензии меѓу САД и Кина, војната во Украина и стравувањата дека кризата со Иран може да прерасне во поширок регионален конфликт. Пазарите сметаа и на претстојно намалување на каматите во САД, што традиционално го ослабува доларот и ја зголемува побарувачката за злато.

Друг фактор што ги зголеми цените на скапоцените метали беше порастот на купувањата на опции за купување – договори што им даваат право на трговците да купуваат финансиски производи како злато по однапред одредена цена во иднина. Ова ги принуди продавачите на опции да го купат самиот метал за да се заштитат од потенцијални загуби, предизвикувајќи ценовна спирала нагоре што ги зголеми цените уште повеќе.

Среброто, пак, доживеа уште поекстремен пораст: во четвртокот достигна рекордни 121,64 долари за унца, по што падна за скоро една третина. До понеделник вредноста му беше намалена за околу 41 проценти, на 72 долари, пред да започне благо закрепнување.

Екстремниот раст на цената на среброто беше поттикнат од шпекулативно тргување и неочекувано силни очекувања за висока индустриска побарувачка. Среброто се повеќе се користи во електрониката, вештачката интелигенција (ВИ) и производството на чиста енергија. Во Кина, шпекулативните инвеститори дополнително ја затегнаа домашната понуда на сребро, зголемувајќи ги цените уште повеќе.

 

 

 

DW