Палестинците во Газа се враќаат во урнатини и неизвесност

Несрин Хамад, мајка на три деца, беше во исчекување на вести од својот сопруг, кој тргнал на тешкиот пат до населбата Шеик Радван во градот Газа. Таа останала во Деир ал-Балах во централна Газа, каде што нејзиното семејство било раселено. „Мојот сопруг денеска отиде во нашиот дом во Шеик Радван. Знаевме дека таму е бомбардирано, но да се види со свои очи, е уште поболно“, раскажува Хамад по телефон за ДВ. Нивната куќа била целосно уништена, а голем дел од населбата е непрепознатлив. Нејзиниот сопруг е меѓу десетици илјади луѓе кои се вратија на северот од Газа откако Израел објави примирје во петокот на пладне. Видеата од тогаш покажуваат реки луѓе, многумина пеш, кои се движат кон север по крајбрежниот пат на Газа.

Фрагилен договор за прекин на огнот
Неделава по брзи индиректни преговори, милитантната група Хамас со седиште во Газа и Израел се согласија за план од 20 точки предложен од САД. Договорот треба да стави крај на двегодишната војна меѓу Израел и Хамас за да се постигне долгорочен мир на Блискиот Исток. Многу поконтроверзни прашања во амбициозниот американски план сè уште не се дискутирани во детали. Денеска (понеделник) Хамас ослободи уште 20 преостанати живи заложници, додека Израел треба да ослободи речиси 2 илјади палестински затвореници, од кои многумина немаат ни обвинение. Војната започна на 7. октомври 2023 година, кога Хамас – која САД, ЕУ и други ја сметаат за терористичка организација – изврши напади врз неколку израелски села и музичкиот фестивал Супернова во близина на Појасот Газа. Според израелските власти, околу 1.200 лица беа убиени во нападот од Хамас, а 251 беа одведени како заложници во Газа.

Војната „нѐ уби од внатре“
Иако Хамад вели дека е олесната што израелското бомбардирање престанало, тоа што го изгубила својот дом е уште едно болно поглавје во две години раселување и преживување. Нејзиното семејство било раселено 17 пати. „Војната заврши, фала му на Бога, но дури откако уби сè во нас. Уби пријатели, роднини и соседи. Ја уништи Газа. Нè претвори во психолошки урнатини. Посеа болести во нас – предизвикани од недостаток на лекови, од раселување и загадена животна средина“, вели Хамад, која се надева дека „војната никогаш нема да се врати и дека никогаш веќе нема да мора да го искусиме стравот”. ОН проценуваат дека околу две третини од зградите во Газа се оштетени или уништени од почетокот на војната до сега. Додека здравствените власти на Газа, контролирани од Хамас, пријавуваат повеќе од 67 илјади убиени – претежно цивили – независна комисија на ОН во врска со војната го употребува терминот геноцид – тврдење што Израел цврсто го негира.

„Израел си создаде непријатели за многу години“
Махмуд Афиф, татко на шест деца, беше меѓу оние што останаа во градот Газа дури и кога израелската војска ги интензивираше своите операции за да го заземе и окупира. Тој рече дека нема пари за превоз или сместување на југ. „Се движев меѓу три различни локации во западниот дел на градот Газа и, фала му на Бога, ниту едно од моите деца не е убиено, а и јас сум сè уште жив“, раскажува тој по телефон од градот Газа. Неговиот дом во Беит Лахија е срамнет со земја. „Го изгубив мојот дом, за кој неуморно работев цел живот да го изградам заедно со моите браќа, сè поради Хамас и Израел“, вели тој.

 

 

DW