Папата Франциск е хоспитализиран во болница на лекување од бронхитис, соопшти Ватикан денес, јавува Анадолу.
88-годишниот понтиф е примен во поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим за да биде подложен на неколку испитувања и да продолжи со третманот за бронхитисот.
Минатата недела, за време на миса во Ватикан, тој побара од еден асистент да ја заврши неговата беседа бидејќи имаше потешкотии со дишењето.
Сепак, папата успеа да ги исполни закажаните средби, вклучително и состанокот со словачкиот премиер Роберт Фицо утринава.
Ова е уште еден здравствен проблем со кој се соочува понтифот во последните години.
Во 2022 година, тој ги откажа планираните патувања во Африка поради проблеми со коленото, што го натера да користи бастун или инвалидска количка.
Во март 2023 година, тој беше хоспитализиран во Рим поради респираторна инфекција. Неколку месеци подоцна, беше подложен на абдоминална операција поради хернија.
Претходно оваа година, Ватикан соопшти дека папата паднал во својот дом и ја повредил десната рака.
Но, понтифот, роден во Аргентина во 1936 година, се соочува со здравствени проблеми уште од младоста.
Кога имал 21 година, му бил отстранет дел од белите дробови поради животозагрозувачка пневмонија и три цисти. Тој изјавил дека ова искуство го инспирирало да се приклучи на редот на језуитите откако закрепнал.
Во својата неодамна објавена автобиографија, папата напиша дека се чувствува здрав и нема намера да поднесе оставка.
„Добро сум“, напиша тој. „Реалноста е едноставна – јас сум стар.“