Пелегрини: Остри критики за ЕУ и силна поддршка за Македонија

Словачка е голем поддржувач на македонските евроинтеграции, а ЕУ не може да си игра со довербата на луѓето во оваа земја, порача од Скопје, словачкиот претседател Петер Пелегрини кој денеска (14 октомври) престојува во официјална посета на земјава. Пелегрини не штедеше критики кон Европската Унија, која како што рече, применува двојни стандарди во процесот на проширување.

„Сфаќам дека минавте тежок пат кон ЕУ, знам колку беше тешко да се реши прашањето за името. Но, еве постојано се појавуваат нови услови и затоа мислам дека ЕУ прави голема грешка. Вашата земја е дел од процесот 20 години и мораше да донесе тешки одлуки. И покрај тоа немам одговор кога ќе се приклучите кон ЕУ. ЕУ ризикува со овој процес, но ние сме на ваша страна и ќе ве поддржуваме на сите можни начини затоа што веруваме дека сте дел од Унијата“, изјави Пелегрини на прес-конференција со неговата македонска колешка Гордана Сиљановска-Давкова.

Исто како и неговата македонска колешка, Пелегрини е согласен дека интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ не треба да се злоупотребува со политички спорови, туку треба да се заснова само на исполнување на Копенхашките критериуми.

„Дали рокот од 2030 за влез на вашата ЕУ е реален? Јас навистина го посакувам тоа и сметам дека ЕУ си игра со напорите на оваа земја. Таа треба да е свесна дека овој процес е жив и земји како вашата имаат потенцијал да преговараат за секое поглавје и да ги спроведуваат реформите. Загрижен сум дека пристапувањето нема да се заснова на техничките процеси, туку на некои геополитички игри, што би било огромна политичка грешка и ќе зажалат за ова. Не можам да прифатам двојни стандарди и затоа ја критикувам ЕУ“, рече Пелегрини.

Инаку деновиве во Брисел се актуелизираше и идејата за укинување на едногласното одлучување во Европската Унија (ЕУ)за преговорите на земјите кандидати, но земјите членки беа поделени по ова прашање. Словачка е на став дека треба да се задржи правото на вето на секоја земја, а Пелегрини образложи и зошто:

„Укинувањето на консензусот ќе значи дека големите земји ќе диктираат, а малите ќе мора да прават тоа што ќе им кажат и затоа сакаме да го задржиме правото на вето. И затоа единствениот глас за секоја земја е со цел да го елиминираме диктатот на големите земји“, категоричен е словачкиот шеф на државата.

 

 

 

slobodnaevropa.mk