Потпишан е рамковниот договор меѓу САД и Иран

Уште пред официјалното потпишување на меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран кое се случи синоќа (18.06.2026), еден ден порано од планираното, висок претставник на владата на САД во голем дел ги потврдил наводите за содржината на документот кои претходно циркулираа во медиумите. Повикувајќи се на американскиот функционер, Си-Ен-Ен објави дека текстот го одразува договорот кој печатена форма во дворецот Версај го потпиша американскиот претседател Доналд Трамп а во дигитална форма иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Претходно, телевизијата Ал Арабија финансирана од Саудиска Арабија и финансискиот новински сервис Блумберг објавија идентичен текст од документот за кој Вашингтон и Техеран постигнаа согласност уште во неделата.

Спротивставени наводи во врска со содржината
Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Ченг, на платформата X првично изјави дека текстот не одговара на фактичкиот меморандум за разбирање, иако притоа тој не навлегуваше во детали. Во извештај на иранската новинска агенција Тасним објавената верзија се опишува како нецелосна. Сепак, текстот што сега беше потврден има само незначајни отстапки од верзијата што претходно циркулираше. Фокусот на текстот објавен во медиумите е крај на војната, отворање на Ормускиот теснец и прашања во врска со санкциите и обезбедување финансиска помош за Иран.

Натамошни преговори треба да следат во релативно краток временски период од 60 дена. Според извештаите, текстот го вклучува „итен и траен крај на војната на сите фронтови, вклучително и во Либан“. Од моментот на потпишување, двете страни и нивните сојузници ќе „престанат со непријателски дејствија едни против други“ и ќе се воздржат од „насилство едни против други“. Конечен договор треба да биде постигнат со преговори кои не треба да траат повеќе од 60 дена. Рокот може да се продолжи со согласност на двете страни. Морската блокада од САД против Иран треба „целосно“ да се укине во рок од 30 дена по потпишувањето на рамковниот договор. Иран треба да преземе „неодложни чекори“ по потпишувањето за да може во рок од 30 дена сообраќајот на комерцијални бродови низ Ормускиот теснец – во двата правци – да се врати на нивото од пред војната. Притоа се наведува и дека Иран мора да „ги отстрани техничките пречки и да ги неутрализира мините“.

Укинување на санкциите
За Иран од централно значење е укинувањето на санкциите, но останува нејасно како американската страна би го имплементирала укинувањето на санкциите на долг рок. Верзијата на текстот објавена од медиумите во однос на овие прашања ги вклучува следниве точки. Веднаш по потпишувањето, Министерството за финансии на САД треба да издаде вонредни дозволи за извоз на иранска сурова нафта, нафтени производи и деривати. Овие дозволи треба да важат и за сите поврзани услуги, како банкарски трансакции, осигурувања и транспорт. САД се обврзуваат да ги укинат „сите видови санкции“ кои во моментов се на сила против Иран, вклучително и санкциите што произлегуваат од резолуциите на Советот за безбедност на ОН и мерките на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), како и „сите еднострани американски санкции“ против Техеран.

 

 

DW