Политичката блокада во Косово продолжува четири месеци по изборите, а нема политичко решение на повидок за каков било можен договор. Пратениците се состанаа 30 пати во Собранието, но не успеаја да изберат претседателка или претседател на парламентот, што би отворило пат за преговори за формирање нова влада.
Опозициските партии не сакаат да гласаат за кандидатката на Самоопределување, Албулена Хаџи, а Самоопределување продолжува да инсистира на тоа име. Во таква безнадежна ситуација, сите партии без исклучок ја споменуваат можноста за одржување нови избори.
Најголема одговорност на Самоопределување
Аналитичарите од Приштина со кои разговараше ДВ ја припишуваат одговорноста за политичкиот и институционалниот ќорсокак на сите партии, но, според нивната проценка, најголемата одговорност за наоѓање решение е на Самоопределување на Албин Курти. Таа партија освои најмногу гласовина изборите, но не доволно за самостојно да формира нови институции.
Политичкиот аналитичар Блерим Бурјани за ДВ изјави дека Самоопределување, кое освои 48 мандати, треба да испроба различни опции за да излезе од кризата.
„Ниту една партија не може да се чувствува удобно во сегашната ситуација. Мандатот им припаѓа на пратениците и, доколку имаат волја, би можеле да размислат за различни решенија, дури и да се спротивстават на своите партии или самостално да протестираат поради оваа ситуација. Но, гледаме дека тие остануваат лојални на своите партии“, вели Бурјани и заклучува дека партиите гледаат само на сопствените интереси и ги забораваат гласачите.
DW