Преговори во Џеда: Како може да заврши војната во Украина?

Позицијата на Украина
За Украина, следните неколку недели може да бидат клучни – се работи за надеж дека нема да се изгуби војната и да се постигне договор што ќе го обезбеди нејзиниот опстанок како независна и суверена држава.

Сепак, Украина е подалеку од кога било од исполнувањето на своите барања засновани на меѓународното право. Изгледите за враќање на нејзиниот територијален интегритет – односно враќање на суверенитетот над Крим, како и регионите Доњецк и Луганск, кои Русија незаконски ги окупираше и анектираше – речиси и да не постојат. Веднаш по преземањето на власта во јануари, новата американска администрација јасно стави до знаење дека Украина веројатно ќе мора да отстапи дел од својата територија. Русија и онака веќе ги смета тие области како дел од својата територија.

Доколку Украина се согласи барем привремено да се откаже од дел од својот источен и југоисточен територијален интегритет, останува прашањето кои области би ги отстапила и како би се обезбедиле линијата за демаркација и прекин на огнот.

Важно е да се напомене дека во последно време украинското раководство повеќе не инсистира на барање за целосно обновување на територијалниот интегритет.

Украина постојано ја нагласува својата аспирација за членство во НАТО како гаранција за траен мир и одвраќање на Русија од идни напади. Сепак, новата администрација на Доналд Трамп веќе ја отфрли таа можност. И пред тоа, меѓу членките на НАТО, вклучително и Германија, имаше голем скептицизам кон брзиот прием на Украина во Алијансата.

Покрај тоа, Украина се залага странска војска да го обезбедува примирјето, со соодветни безбедносни гаранции. Сепак, се уште не е јасно дали и од кого ќе ги добијат. САД не покажуваат волја да понудат такви гаранции, додека Европејците сакаат да ги обезбедат само доколку Вашингтон ги поддржи.

Сегашната линија на фронтот е долга околу 900 километри и за нејзино обезбедување ќе биде потребно значително меѓународно воено присуство. Вкупната должина на границата меѓу Украина и Русија изнесува дури 2.300 километри. Воените експерти проценуваат дека западните земји би требало да распоредат најмалку 150.000 војници, а можеби и значително повеќе. Меѓутоа, не е јасно како таа бројка би можела да се достигне без учество на САД.

За претседателот Володимир Зеленски, првиот чекор кон примирје би можел да биде делумен прекин на огнот, кој би вклучил крај на воздушните и поморските борби. Според еден украински функционер, таков аранжман би бил полесен занадгледување. Украина планира да претстави таков предлог на состанокот во Џеда.

Ставот на Русија
Досега Русија не се откажа од ниту една од своите воени цели. Иако ја изразува својата подготвеност да преговара за крај на непријателствата, нејзините планови за Украина останаа непроменети од почетокот на нападот на 24 февруари 2022 година.

Русија ја отфрла можноста Украина да влезе во НАТО. Таа бара неутралност на земјата и ограничување на нејзиниот воен капацитет. Според западните експерти, тоа практично би значело демилитаризација на Украина, оставајќи ја без заштита во случај на нов руски напад, имајќи предвид дека таа не би имала западни безбедносни гаранции. Москва го отфрла предлогот за стационирање на западни војници на територијата на Украина заради осигурување на примирје.

 

 

DW