Повикот за бојкот на продавниците в петок, кој почна да се шири на социјалните мрежи, добива се поголема поддршка кај македонските граѓани. Во делови на Скопје се делат и летоци со кои се повикуваат граѓаните да се воздржат од пазарување на 31 јануари со што јасно ќе им се стави до знаење на трговците дека нема толеранција за енормно високите цени на храната. Организацијата на потрошувачи информираше дека го поддржува граѓанскиот повик за бојкот на маркетите, со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени.
Додека граѓаните се организираат во Северна Македонија,Владата ги активираше инспекторатите кои добија задолженија да извршат контроли да го ги спречат злоупотребите од страна на трговците. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го разбира повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци.
„Поединечни трговци и трговски ланци се однесуваат неодговорно заработувајќи преку енормни цени на производи кои ги плаќаат граѓаните. Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет.Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција“, вели Мицкоски.
Кој ги изигрува законите?
Тој во изјава за медиумите најави ригорозна контрола за два ланци на маркети, коишто се споменуваат за наводно изигрување на законите и процедурите.
„Според информациите со кои располагаме имаме околу 20 илјади коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба длабоко да се навлезе да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовреме и други трговски објекти ќе бидат подложни на контроли, бидејќи стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние се ќе сториме за да го заштитиме“, изјави премиерот.
Засилени контроли на терен
Мицкоски имаше средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерот за економија и неговиот заменик, како и со директорот на пазарната инспекција на коишто им наложил засилени контроли и итна реакција на терен.Тие имаат задача да го проверат однесувањето на трговците и да спречат какви било злоупотреби.
DW