„Нема селективна правда, нема заштитени и нема недопирливи. Украденото мора да се врати кај народот“, порача премиерот Христијан Мицкоски на конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот. Тој истакна дека борбата против корупцијата не завршува со покренување обвинение, туку со целосна конфискација на незаконски стекнатиот имот.
Според Мицкоски, во тек се повеќе од 50 предмети за висока корупција, за кои вели дека со години се премолчувало или свесно се игнорирале. Премиерот најави и отворање нови случаи што ќе бидат предмет на темелна истрага со цел обновување на довербата во институциите.
Тој потенцираше дека успех во борбата против корупцијата е можен само со јакнење на судството и обвинителството – институционално, кадровски и функционално. „Само силно и независно судство може да обезбеди правдата да биде ефикасна и правична“, додаде Мицкоски.
Три клучни приоритети во Стратегијата 2025–2028
Премиерот нагласи дека конфискацијата е сложен процес кој вклучува повеќе институции и поврзани фази. Новата Стратегија за 2025–2028 ги утврдува следните приоритетни области:
1. Пронаоѓање и следење на незаконски стекнат имот
2. Привремено обезбедување и конфискација и
3. Управување и реупотреба на конфискуваниот имот
Одземениот криминален имот треба да добие нова социјална и општествено корисна вредност и да се врати во служба на граѓаните.
DW




