Претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен во рамките на посетата на Западен Балкан ќе има средби и во Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во посета на Западен Балкан, најави дека во регионот доаѓа со два проекти – фабрики за вештачка интелигенција во Северна Македонија и во Србија.

Станува збор за проширување на програмата „Фабрички антени за вештачка интелигенција“ (АИФА) во седум земји членки и шест партнери на ЕУ, меѓу кои и во Северна Македонија.

„Можам да објавам дека ќе ги отвориме нашите фабрики за вештачка интелигенција за Западниот Балкан. Ќе започнеме со две антени во Северна Македонија и Србија, со што воведуваме брз дигитален ‘рбет низ целиот регион што ќе им овозможи на компаниите во сите шест партнери да се поврзат со овие фабрики“, изјави Фон дер Лајен во обраќање на Инвестицискиот форум во Тирана.

Ова, според Фон дер Лајен, ќе значи дека компании од Западниот Балкан ќе можат да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција. „Со други зборови, компјутерската моќ на Унијата ќе биде на ваша услуга. Бидејќи сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа, сакам Западниот Балкан да биде во неговото јадро“, рече Фон дер Лајен.

Програмата АИФА е проширена и во членките на ЕУ – Белгија, Ирска, Кипар, Летонија, Малта, Словачка и Унгарија, како и во Велика Британија, Исланд, Молдавија, Србија и Швајцарија. ЕК соопшти дека кон европската инфраструктура за вештачка интелигенција се приклучиле шест нови фабрики за вештачка интелигенција, со што нивниот вкупен број опфатен со мрежата се искачи на 19 во 16 земји членки на ЕУ.

 

 

DW