Протестен марш во Скопје со парола „Валкани пари- смртни последици“

„Ние сме гласот на Фросина, валкани пари- смртни последици“, гласи големиот црн транспарент со кој стотици граѓани на 16 февруари излегоа на протестен марш барајќи правда за загинатите во сообраќајни несреќи како и ригорозни казни за прекршителите на сообраќајните правила кои предизвикале смртни последици.

Граѓаните го започнаа протестот на скопскиот булевар „Партизански одреди“ каде што загина Фросина Кулакова, 22 годишна девојка која на 29 јануари, беше прегазена додека минувала на пешачки, од автомобилот на 20-годишниот возач, кој според официјалните информации, немал возачка дозвола, имал алкохол во себе и поминал на црвено.

Таткото на Фросина, Тодор Кулаков пред почетокот на протестот апелираше до демонстрантите да учествуваат во мирен марш.

„Станува збор за исклучително племенито девојче и во нејзина чест ве молам ова да биде мирен протестен марш“, изјави Кулаков.

Семејството на Фросина го предводи протестиниот марш, и во првите редови до нив се родители и семејства на жртви во сообраќајни несреќи кои бараат правда за своите најблиски. Меѓу демонстрантите има и луѓе со транспаренти кои бараат правда и за загинатите во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци.

slobodnaevropa.mk