Расте стапката на млади луѓе со дијагноза рак

Секоја година околу десет милиони луѓе во светот умираат од рак, а заболуваат околу дваесет милиони луѓе. Меѓународната агенција за истражување тумори проценува дека тие мрачни бројки до 2040 година ќе се зголемат за 50 проценти.

Најмногу луѓе умираат од ракна белите дробови (1,76 милиони мртви годишно), од кои во најголем дел се мажи. Кај жените најсмртоносен е ракот на дојка, кој однесува повеќе од 627.000 жртви годишно.

Нова студија од САД покажува дека ракот сѐ почесто се открива кај помлади луѓе, во нивните триесетти години. Научниците анализирале податоци од Националниот центар за карциноми во периодот од 2010 до 2019 година. Тука се опфатени податоци на околу половина милион пациенти кај кои туморот е откриен во рана фаза, а биле помлади од педесет години.

Посебно расте бројот на нови заболувања кај млади жени – 4,35 проценти зголемување (вкупно близу 36.000 случаи). Доминира рак на дојка, а потоа следат рак на штитна жлезда и рак на дебелото црево.

Подобрени дијагнози
Феноменот не е познат само во САД. Ланската година едно испитување во 44 држави покажа дека туморите сѐ почесто се откриваат во рана фаза кај млади луѓе. Тоа посебно се однесува на 14 видови тумор, од кои многу го погодуваат системот за варење на храната.

Научниците веруваат дека толкавиот број на дијагнози е благодарение на сѐ подобрите тестови за рано откривање на болеста и фактот што младите луѓе одат на прегледи.

Зголемениот број на дијагнози кај млади луѓе воопшто не е лоша вест – напротив, многумина успешно се излекуваат токму поради раното откривање на ракот.

За тоа придонесува и подобрата информираност на пациентите. На пример, жените често сами ги прегледуваат дојките и така рано откриваат грутчиња или промена на кожата. Тука се и мамографијата и прегледите на грлото на матката кои се извршуваат во одредена возраст.

Постојат општи препораки кога и што треба да се контролира, но тука голема улога играат и здравствената состојба на поединецот, историјата на болеста и фамилијата и проценка на лекарот.

Рак на дојка
Од својата 30-та година, жените би требало редовно да одат на гинеколошки преглед на градите и пазувите, зашто лекарот со напипување може да открие неправилности. Жените можат тоа да го прават и сами.

Но, организацијата на Германската помош за заболени од рак наведува дека тоа не е доволно и дека од 40-та година треба редовно да се оди на мамографија. Светската здравствена организација тоа го препорачува дури од 50-та година на животот.

За жени со генетска предиспозиција за рак на дојка, специјалистички прегледи се препорачуваат од 25-та година на животот.

Рак на грлото на матката
Жените би требало да почнат редовно да одат на гинеколошки преглед веќе од 21-та година на живот. Се препорачува Папаниколау тест (земање брис) секои три години, а тестирање на хумани папиломи (ХПВ) секои пет години.

Рак на бели дробови
Засега нема препорачани методи за преглед кај лица без симптоми и зголемен ризик. Во рана фаза карциномот на бели дробови обично не создава проблеми. Подоцна можат да се јават сува кашлица, губење на телесна тежина, тешкотии при дишење или болки во градите.

Мали тумори речиси секогаш се откриваат случајно, на пример при рентгенско снимање на градниот кош. Кај страсни пушачи или ако постои друг ризичен фактор, може да се размисли за годишна томографија.

Рак на дебело црево
На луѓе постари од 50 години им се препорачуваат превентивни прегледи. Тие се изведуваат секои десет години (колоскопија) и тестирање на столицата на крв (во период од една до три години).

Рак на желудник
Нема општи препораки за превентивни прегледи ако не постојат ризични фактори. Раниот тумор на желудник нема симптоми. Во случај на сомнеж, може да се изврши ендоскопија.

Рак на кожата
Нема препорачана старосна граница, но редовните прегледи на кожата се многу важни и кај младите. Од 35-та година се препорачува детален преглед на целата кожа кај дерматолог секои две години. Добро е луѓето и сами да ги следат евентуалните промени на кожата.

Рак на простата
По 45-та година кај мажите се препорачуваат годишни ректални прегледи, а од 50-та година со лекарот треба да се одлучи дали да се вршат превентивни прегледи за рано откривање на рак на простата.

Зошто се чека со некои прегледи?
Иако туморот сѐ почесто се открива и кај млади луѓе, здравствените системи и натаму препорачуваат прегледи дури во поодмината возраст. Такви препораки настануваат врз основа на статистиката за возраста во која најчесто се заболува од некоја болест.

На пример, ризикот од рак на дебело црево драматично расте дури од 50-та година на животот. Често се смета дека големите трошоци на превентивни прегледи на цела млада популација не ја оправдуваат корисноста од тие прегледи. Но, туморот понекогаш не чека човекот да дојде во статистички „прифатливи“ години.

На крај, секој мора сам да реши на кој бесплатен преглед ќе отиде, а кој, ако треба, сам ќе го плати зашто не е предвиден за неговата возраст.

 

DW