Според податоците од германскиот Сојузен завод за статистика, во 2024 година, во Германија редовно биле вработени 1,1 милион лица над 67 години. Тоа е за 51.000 повеќе отколку пред една година и највисока регистрирана вредност досега.
Во споредба со 2004 година, бројот на вработени на возраст за пензионирање е речиси четирикратно зголемен. Пред 20 години, биле вработени само 288.000 лица над 67 години, иако вкупниот број на пензионери бил 19,6 милиони, нешто помалку од денешните 21,4 милиони.
Генералниот секретар на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Карстен Линеман, неодамна предизвика дебата откако во едно интервју алудираше на фактот дека германските граѓани се мрзливи, што особено се однесува на пензионерите. „За да се одржи благосостојбата, потребно е да се зголеми бројот на пензионери кои работат, а за да се постигне ова, треба да се воведат субвенции за вработените пензионери“, рече Линеман. Една од идеите предвидува пензионерите кои работат да бидат ослободени од данок на нивната плата до износ од 2.000 евра.
Работат за да преживеат
Сара Вагенкнехт, претседателка на истоимената популистичко-левичарска партија (Сојуз Сара Вагенкнехт), го обвини Линеман дека ги навредува пензионерите со своите изјави. Таа рече дека сигурно не сите пензионери кои работат се принудени да го продолжат својот работен век од финансиски причини, туку едноставно уживаат во својата работа, но во интервју за неделникот Штерн таа нагласи дека многумина се принудени да заработуваат дополнително само за да преживеат. „Четирикратното зголемување на бројот на пензионери кои работат покажува дека стотици илјади пензионери се едноставно принудени да ја подобрат својата слаба пензија“, рече Вагенкнехт.
Според податоците од Министерството за труд, во 2024 година просечната месечна нето пензија за оние кои уплаќале во пензискиот фонд најмалку 45 години била 1.543 евра. А таа сума е едвај доволна за преживување во поголемите градови, каде што само киријата за двособен стан изнесува во просек 1.000 евра. Најранливата група пензионери се оние кои од различни причини не биле вработени или не уплаќале во пензискиот фонд од различни причини, што често е случај со самохраните мајки или независните претприемачи.
DW