Родителите преку мобилна апликација ќе го следат образовниот напредок на своите деца

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната прес-конференција информираша дека Министерството за образование и наука разви апликација која им овозможува на родителите и старателите на учениците едноставен пристап до електронскиот дневник и со тоа лесно и на дневна основа да го следат образовниот напредок на децата.

„Апликацијата може да се симне на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб страната на министерството и да се инсталира на било кој паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем. Едноставна е за користење и преку најава и автентикација со истото корисничко име и лозинка кои во моментов ги користат за пристап до електронскиот дневник, над 200 илјади родители и старатели, колку што се регистрирани досега, во секое време можат да имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца“, рече Јаневска.

Министерката посочи дека сите податоци кои се внесуваат во електронскиот дневник, се архивираат и корисникот на апликацијата има увид во податоци од тековната, но и од било која учебна година наназад.

„Веќе ја тестиравме и се уверивме во функционалноста на апликацијата. Сигурна сум дека ќе биде многу користена, затоа што нема родител или старател кој не е заинтересиран да го следи и да учествува во образованието на своето дете. Одговорноста за едукацијата на младите е заедничка и подеднаква и на институциите и на семејствата на учениците“, потенцираше министерката.

Јаневска рече и дека за било каква корисничка поддршка при најавување, заборавена лозинка или дополнителни појаснувања околу примената на новата апликација, стручен тим на Министерството за образование и наука е достапен во секое време на електронската адреса ednevnik@ednevnik.edu.mk.

 

 

skopjeinfo.mk