Соединетите Држави и Израел ветија дека нема да попуштат во нивната воена кампања против Иран, при што Тел Авив започна нов „широк бран напади. Американскиот претседател Доналд Трамп пак рече дека Техеран „ќе претрпи многу штета“ во наредните денови.
„Големиот удар почнува сега. Тие повеќе немаат воздушна заштита, повеќе немаат никакви системи за детекција, па затоа ќе претрпат многу штета“, рече Трамп на 3 март во Белата куќа за време на состанокот со германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Трамп, исто така, повтори дека, заедно со врховниот лидер Али Хамнеи, голем дел од иранското раководство е убиено во нападите меѓу САД и Израел, оставајќи го режимот во несигурни раце.
„Повеќето од луѓето што ги имавме на ум се мртви. Сега имаме друга група. И тие може да бидат мртви, врз основа на извештаите“, рече тој.
Шок и страхопочит
По говорот на Трамп, началникот на Централната команда на американската војска, адмирал Бред Купер, рече дека операцијата „Епски бес“ претставува најголемо засилување на американските сили на Блискиот Исток во последната генерација.
Повеќе од 50.000 американски војници, над 200 борбени авиони, две ударни групи на носачи на авиони и бомбардери со долг дострел учествуваат во операцијата, рече Купер.
Тој ја опиша почетната фаза како речиси двојно поголема од кампањата „Шок и страв“ од 2003 година во Ирак.
„Денес, нема ниту еден ирански брод во движење во Арапскиот Залив, Ормутскиот Проток или Оманскиот Залив“, рече Купер, опишувајќи го она што го нарече невиден напор за елиминирање на способноста на Иран да им се заканува на американските сили.
„Тукушто почнавме. Но, имам најголема доверба дека ние, заедно со нашите партнери, апсолутно ќе ги постигнеме нашите воени цели“, рече тој.
slobodnaevropa.mk




