Со тужбата против поранешниот лидер на Куба, Раул Кастро, САД го засилуваат притисокот врз социјалистички управуваната карипска држава. Актуелниот американски министер за правда Тод Бланш во средата (20.05) поднесе обвинение против 94-годишниот Кастро. Во него на Кастро му се припишува значајна улога во соборувањето на неколку мали авиони од страна на кубанското воздухопловство во 1996 година, при што загинаа и тројца американски државјани.
Владата во Хавана остро ја осуди американската тужба, нарекувајќи ја нелегална и политички мотивирана акција. Таа во неа гледа изговор за можни воени мерки против Куба.
Владата на американскиот претседател Доналд Трамп со месеци врши силен притисок врз Куба, воведе санкции и дури се закани со преземање на островската држава. Сега напнатоста меѓу Вашингтон и Хавана би можела дополнително значително да се заостри.
Што му се става на товар на Раул Кастро
На Раул Кастро во обвинението, меѓу другото, му се ставаат на товар четири убиства, како и уништување на повеќе авиони. Според Бланш, пред 30 години, како тогашен министер за одбрана, тој наводно бил одговорен за синџир на наредби кој довел до тоа кубански борбени авиони да отворат оган врз два цивилни Цесна-авиони над меѓународни води.
Покрај Раул Кастро, обвинети се и уште пет лица за различни кривични дела, кои според обвинителниот акт тогаш биле кубански воени пилоти. За случајот е надлежен федерален суд во американската сојузна држава Флорида.
DW




