Канцеларијата за контрола на странски средства на Соединетите Американски Држави (ОФАК) донесе одлука за продолжување на лиценцата за работа на Нафтената индустрија на Србија (НИС) до 20 март, објави Радио телевизија на Србија (РТС).
НИС побара ново продолжување на својата работна дозвола од американската администрација минатата недела, додека во јануари беше предаден прелиминарниот договор за продажба помеѓу руската компанија „Газпромнефт“ и унгарската група МОЛ.
Одговорот на ОФАК на тој договор сè уште се чека. Одобрувањето од Вашингтон е клучно за НИС да биде отстранет од листата на санкции, која почна да се спроведува на почетокот на октомври.
Санкциите беа воведени врз најголемата нафтена компанија во Србија поради мнозинско руско сопствеништво. Целта на американските санкции насочени кон рускиот енергетски сектор, под кој се најде најголемата нафтена компанија во Србија, е да се спречи Русија понатамошно финансирање на инвазијата на Украина.
slobodnaevropa.mk




