Во пресрет на 11-ти Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ во втората светска војна, денеска во Општина Охрид се одржа пригодна свеченост во чест на големиот празник. Пред присутните свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.
– Народоносолободителната борба претставува симбол на непокорот, достоинството и вековната борба за мир и правдина. Преку пожртвуваноста на нашите херои се изгради темелот на македонската државност и идентитет.
Револуционерната борба на Македонскиот народ е доказ дека слободата не се подарува, таа се заслужува преку единство, визија и храброст.
11-ти октомври е жива меморија, тој ја претставува свесноста и сплотеноста на една генерација која избрала да не молчи, со решителност, поголема од стравот и со силна идеја, посветла од темнината на ропството.
Охрид и Дебрца дале многу храбри луѓе за оваа слобода која ја живееме денес. Тоа не се само имиња на споменици, тоа се нашите предци, нашите роднини, соседи и пријатели, чии животи се вткаeни во слободна Македонија. Нивната жртва е темелот врз кој е изградена нашата држава.
Денес ја имаме честа да им оддадеме достојна почит, но не само со зборови, туку и со ветување дека нивната борба нема да биде заборавена и дека ќе го чуваме нивното големо дело како аманет за идните поколенија.




