Вечерва (10.10), по локално време, десетици илјади војници повторно ќе маршираат низ главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, прикажувајќи го обемниот арсенал на вооружените сили. Со парадата се слави 80-годишнината од основањето на Работничката партија на Северна Кореја, чиј генерален секретар е Ким Јонг Ун. На трибините, покрај Ким, ќе стојат кинескиот премиер Ли Чијанг и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев. „Пријателите се заедно, непријателите стануваат нервозни“, напиша Медведев на новата руска платформа, Макс.
Парадата ја нагласува значително зголемената моќ на Ким. Никогаш порано 41-годишникот не бил толку цврсто на власт, никогаш порано неговото меѓународно значење не било толку големо откако пред 14 години го замени својот татко, Ким Јонг Ил, како единствен владетел на изолираната земја. Во септември, Ким се појави првпат рамо до рамо со кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин на воена парада во Пекинг. „Ким е на исто ниво со најмоќните автократи во светот – никогаш досега немало таков приказ на стратешко сојузништво“, напиша германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Војната на Русија како катализатор
Зголемувањето на моќта на Ким се должи на војната на Русија против Украина и борбата за економска моќ меѓу САД и Кина. Ова ја направи Северна Кореја важен партнер, особено за Русија. Кина потоа повторно се приближи до Северна Кореја за да избегне губење на своето влијание. „Статусот на Северна Кореја значително порасна“, вели поранешниот севернокорејски дипломат и дезертер Ли Ил Кју. „Во таа смисла, одлуката за поддршка на руската војна беше правилна.“
Како резултат на променетите околности, Ким успеа да ги олабави оковите на економските санкции што Советот за безбедност на Обединетите нации ги наметна на неговата земја поради нуклеарните и ракетните тестови. Русија, меѓу другото, ја снабдува Северна Кореја со гориво и храна, додека Северна Кореја испрати огромни количества муниција и илјадници војници. Кина, исто така, се чини дека ги спроведува санкциите помалку отколку во минатото.
Признание како нуклеарна сила
Кимовата долгорочна стратегија за обезбедување на опстанокот на владеењето на семејството преку масовно нуклеарно и ракетно засилување сега се му се исплати. Американската воена разузнавачка агенција ДИА во мај процени дека Северна Кореја е во својата „најсилна стратешка позиција во последните децении“ и претставува потенцијална закана за американските сили и нивните сојузници во Источна Азија. Северна Кореја ја подобри и својата способност да ја загрози територијата на САД. Извештајот заклучува дека Ким е „сè посигурен во својот меѓународен политички легитимитет и сигурноста на својот режим“.
Најважниот лост за зголемување на меѓународната важност на Северна Кореја е нејзиниот стремеж да стане де факто нуклеарна сила заедно со Пакистан, Индија и Израел. Со години, Ким не само што тестира или пушта во употреба нуклеарно способни системи како што се ракети со долг дострел, туку закон донесен во септември 2022 година ја легализираше превентивната употреба на нуклеарно оружје и го прогласи нуклеарниот статус за „неповратен“. Една година подоцна, Врховното народно собрание ја внесе нуклеарната доктрина во уставот. Замрзнувањето или демонтирањето на нуклеарниот капацитет на земјата сега изгледа малку веројатно.
Нова средба со претседателот Трамп?
Режимот сега ги жнее плодовите. Во јули, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за време на посетата на Северна Кореја, изјави дека Москва почитува и разбира зошто Пјонгјанг продолжува да ја развива својата нуклеарна програма. Кина всушност го отфрла севернокорејското нуклеарно оружје, но одамна престана да бара денуклеаризација. Сега Ким се надева дека американскиот претседател Доналд Трамп конечно ќе ја прекрши забраната. Ким неодамна ги услови новите разговори со Вашингтон со тоа САД „да ја напуштат својата апсурдна опсесија со денуклеаризација“. Постојат шпекулации дека Трамп би можел да се сретне со Ким на линијата за демаркација, како што направи во јуни 2019 година. Американскиот претседател ќе ја посети Јужна Кореја на крајот на октомври и ќе присуствува на самитот на АПЕК.
DW




