Приказната за малиот Арчи Батерсби кој почина вчера, откако беше исклучен од апарати, ја расплака планетата.
Неговото семејство не успеало во намерата 12-годишното момче да ги помине своите последни денови во својот дом, а по трагедијата се огласија членовите од семејството и упатија потресни зборови.
Вереницата на најстариот брат на Арчи, Ела Роуз Картер, изјавила дека начинот на кој малото момче починало бил „варварски“ и се надева дека „ниту едно семејство нема да мора да помине низ она низ кое тие прошле“.
Арчи почина вчера во 12 часот и 15 минути опкружен со семејството, откако во 10 часот беше исклучен од апарати во Кралската лондонска болница во Вајтчепел. Христијанскиот правен центар, група која го поддржувала семејството на Арчи, изразил сочувство и повикал на „итна ревизија и реформа“.
„Нашите мисли, молитви и поддршка се со семејството на Арчи во овој трагичен момент. Ќе продолжиме да ги поддржуваме членовите на семејството, како што тоа го правевме и претходно и откако во последен момент беше отпочната судска постапка. Благодарни сме на поддршката од пошироката јавност, упатена до Арчи и неговото семејство. Беше привилегија да се биде покрај нив“, изјавила извршната директорка на Христијанскиот правен центар, Андреа Вилијамс.
„Настаните од последните неколку недели предизвикаа многу значајни прашања, вклучувајќи ги прашањата како се дефинира смртта, како се донесуваат одлуките поврзани со смртта и каде во сето тоа е местото на семејството. Никој не сака да види како другите семејства го доживуваат она низ кое помина семејството на Арчи. Мораме да имаме итна ревизија и реформа на системот“, додала таа.
Семејството објави нова фотографија од своето сакано момче на која тој е насмеан, во елегантно одело. Луѓето ширум светот останаа трогнати од неговата смрт, а голем број лица запалиле свеќи и оставиле цвеќиња пред Кралската лондонска болница во источен Лондон, каде Арчи се лекуваше и каде почина.
Неговите мајка Холи Денс и тетка Ела беа помеѓу членовите на семејството кои ја соопштија трагичната вест.
„Можам ли само да кажам дека сум најгордата мајка на светот? Беше толку убаво мало момче и се бореше до самиот крај, а јас сум толку горда што сум негова мајка“, рекла Холи.
12-годишниот Арчи бил во кома откако неговата мајка го пронашла онесвестен на 7-ми април оваа година, а бил одржуван во живот со комбинација од медицински интервенции, вклучувајќи механичка вентилација, и терапија со лекови.
Неговото семејство претпоставува дека момчето учествувало во онлајн ТикТок предизвик на „гушење“.
Членовите на семејството завчера ја изгубија судската битка откако судот ја одби нивната желба Арчи да ги помине последните моменти со нив во нивната семејна куќа. Родителите се обратија до Апелациониот суд во обид да ја оспорат пресудата на Врховниот суд, но жалбата сепак била одбиена.
Случајот на 12-годишниот Арчи Батерсби се следеше со месеци.
tocka.mk