Се приближува ли Европската Унија кон „воен Шенген“?

Европа ги зголемува трошоците за одбрана. Сепак, едно прашање е во голема мера занемарено – како да се премести воената опрема од една земја во друга што е можно побрзо во случај на конфликт?

Со години се зборува за „воен Шенген“, област во зоната без пасоши на Европската Унија каде што оружјето и војниците би можеле да се движат слободно како и цивилите. Сепак, таков систем останува нереализиран и за ЕУ и за НАТО, и покрај зголемените безбедносни загрижености предизвикани од војната во Украина.

На 19 ноември, Европската комисија ќе го претстави својот последен обид да го постигне ова до крајот на деценијата.

Прелиминарната верзија на документот, во која Радио Слободна Европа имаше увид укажува на два начина за постигнување на ова: прво, инвестирање пари во стотици „тесни грла“ низ целиот континент, како што се железници, пристаништа и мостови, вклучително и во земјите кандидати за ЕУ, Украина и Молдавија, кои текстот ги смета за клучни за интеграција во воено-транспортните структури на ЕУ.

И второ, намалување на бирократијата за да се спречи различните национални закони и бирократијата да ги попречат напорите за брзо и лесно преместување на воените средства од една земја на ЕУ во друга.

Многу муабет, малку напредок

Идејата за „воен Шенген“ стана „приоритетно прашање“ во 2017 година, а Европската комисија изготви акциони планови во 2018, 2022 и 2024 година. Сепак, беше постигнат мал напредок.

Дипломатите на ЕУ, кои разговараа со РСЕ под услов на анонимност, рекоа дека минималниот напредок сигурно не се должи на недостиг на напори. Темата, велат тие, обично е близу до врвот на агендата секогаш кога се дискутира за соработката ЕУ-НАТО, но ниту една од тие организации, велат тие, никогаш навистина не ја прифатила.

НАТО долго време се надеваше дека ЕУ ќе инвестира повеќе законодавна енергија и пари во воената мобилност, особено сега кога 23 од 27-те земји-членки на ЕУ се исто така дел од воениот сојуз. Војната во Украина само ја зголеми итноста за зајакнување на сите аспекти поврзани со одбраната.

Во исто време, во ЕУ имаше фрустрација што НАТО беше премногу фокусиран на трошење пари за скапа воена опрема, а многу помалку на тоа како всушност да ја транспортира и да ја стави на располагање на другите членки на Алијансата.

 

 

 

slobodnaevropa.mk