Бројот на жртви од синоќешниот земјотрес во северен Авганистан се зголемува од минута во минута. Министерството за јавно здравје на владата предводена од Талибанците потврди дека, според досегашните податоци, најмалку 20 лица загинале, а повеќе од 320 се повредени во земјотресот.
Портпаролот на Одделот за јавно здравје на покраината Саманган, Самим Џојанда, изјави дека бројот на повредени лица кои се превезуваат во болници се зголемува.
Експертите стравуваат од „многу жртви“ откако земјотрес со јачина од 6,3 степени го погоди северниот авганистански град Мазар-е Шариф рано наутро на 3 ноември. Само пред два месеци, смртоносен и разорен земјотрес го погоди источниот дел од земјата.
Геолошкиот институт на Соединетите Држави соопшти дека неговите модели укажуваат дека „веројатни се значителни жртви и дека катастрофата е потенцијално широко распространета“ околу градот со околу 523.000 жители.
Објавите на социјалните мрежи покажаа видеа од она што се вели дека е обид за спасување на луѓето заробени под урнатините по земјотресот од 2 ноември. Видеата не можеа веднаш да бидат независно потврдени.
Според првичните извештаи, регионалните здравствени претставници изјавија дека најмалку 10 лица загинале, а околу 260 се повредени.
Талибанските власти изјавија дека ќе дадат повеќе детали за жртвите и штетите „подоцна“, додавајќи дека делови од провинциите Балх и Саманган се чини дека се најтешко погодени.
Службеник во Мазар-е Шариф изјави дека Сината џамија е оштетена во земјотресот.
Репортер на АФП објави дека делови од џамијата од 15 век, една од ретките туристички места во земјата, особено едно од нејзините минариња, се скршиле и се расфрлани низ дворот на џамијата.
Најновиот потрес следи по земјотрес со јачина од 4,9 степени што го погоди регионот Хиндукуш во Авганистан на 1 ноември. Жртвите и штетите од инцидентот сè уште не се познати.
slobodnaevropa.mk




