Силен земјотрес го погоди Тибет, загинаа најмалку 53 лица

Најмалку 53 лица загинаа, а 62 се повредени по разорниот земјотрес што утринава го погоди кинескиот планински регион Тибет, објави државната новинска агенција Синхуа, пренесува Анадолу.

Земјотресот го погодил градот Ксигазе во автономниот регион Ксизанг, локално име за Тибет, во 9.05 часот по локално време, регистриран на длабочина од 10 километри.

Претставниците на локалната самоуправа го проценуваат влијанието на земјотресот во различните населени места во регионот, додека кинеската војска распореди беспилотни летала за да го испита епицентарот по земјотресот.

Одделно, Американскиот геолошки институт регистрира магнитуда од 7,1 степени.

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг им нареди на властите да преземат сеопфатни спасувачки и акции за пребарување.

Западната команда на Народноослободителната армија го подготви својот итен план за помош при катастрофи, кој се состои од транспорт, медицински авиони, хеликоптери и копнени сили за да помогнат во операциите.

 

извор: АНАДОЛИЈА