Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова,на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој е во посета на земјата, изјави дека билатерализацијата на евроинтеграцијата не смее да стане правило и дека земјите членки на ЕУ треба навремено да ја превенираат.
Нема поголема инвестиција во стабилноста од членството во ЕУ
Сиљановска-Давкова повтори дека земјата останува цврсто определена за членство во ЕУ, посочувајќи дека напредокот на Црна Гора и Албанија е позитивен сигнал и за целиот Западен Балкан.
„До членството се стигнува преку реформи – владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции. Тоа не е прашање само на Копенхашките критериуми, туку на нашата европеизација“, изјави таа.
Претседателката смета дека вклучувањето идентитетски и историски прашања во европската агенда само го комплицира процесот и го забавува напредувањето на земјите кои природно и културно припаѓаат кон ЕУ.
Одлични билатерални односи и потенцијал за продлабочена соработка
Таа оцени дека односите меѓу Македонија и Албанија се „одлични и пријателски“, без отворени прашања, со широк простор за продлабочување на соработката.
Од своја страна, албанскиот претседател Бегај истакна дека односите меѓу двете земји треба да бидат пример за целиот регион. Близината, според него, се гледа секојдневно – преку студентите, бизнис-заедниците, туристите и трговската размена. Тој подвлече дека Коридорот 8 е симбол на новата ера на соработка, но и на европската безбедност.
Улогата на малцинствата и регионалната стабилност
Бегај посочи и на улогата на Албанците во Македонија, како и на потребата за заштита на правата на Македонците во Албанија, што го опиша како „силен мост на соработка“.
Во делот на економијата, двајцата претседатели се согласија дека има „неискористен потенцијал“ меѓу бизнис-заедниците, кој треба да се валоризира. Потребни се, истакнаа, дополнителни инфраструктурни проекти и подобро олеснување на прекуграничните процедури.
„Цврсто сме определени за членство во Европската Унија. Нема поголема инвестиција во стабилноста на Западниот Балкан од европското членство“, порачаа претседателите.
DW




