Сиљановска-Давкова: Кочани не доведе до ѕидот на срамот

Пожарот во Кочани, реформите во судството и евроинтеграциите на Северна Македонија, беа клучните теми во годишното обраќањето на претседателката во Собранието. Таа побара политичарите да ги остават надлежните да го водат судењето за кочанската трагедија. За евроинтеграциите кажа дека ако може да се најде решение за Украина и Молдавија, тогаш може и за Северна Македонија.

Пожарот во Кочани не беше само трагедија. Тој настан не доведе до ѕидот на срамот и можноста за катарза. Оваа трагедија не беше чин на несреќа туку и чин на пропусти, на толерирање на корупцијата.

Ова беа дел од зборовите со кои претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им се обрати на пратениците во традиционалното годишно обраќање во Собранието.

Пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март одзеде 63 животи, а над 200 беа повредени.

По оваа трагедија, според претседателката, 2025-та ќе остане врежана во историјата, таа беше „национален шок“, а траумата од неа „сите ќе ја носиме до крај на животот“.

„Со пожарот на површина излезе грдото лице на стихијното одлучување, игнорирањето на процедурите, културата на неказнивост и двојни стандарди“, рече Сиљановска-Давкова.

На седницата во парламентот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и министри во Владата, претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, началникот на Генералштабот на Армијата Сашко Лафчиски, гувернерот Трајко Славески, првите луѓе на верските заедници во земјава, а присутни беа и амбасадори на странски земји во Северна Македонија.

Обраќајќи се пред нив, претседателката рече дека ги разбира гневот и бесот на родителите на загинатите млади луѓе, како и нивните барања за правда, па испрати порака да се остават „обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, судиите да судат“.

На партиите и политичарите, им порача Сиљановска-Давкова, да ги прекинат дневно-политичките препукувања на сметка на судиите и на трагедијата.

„Овој судски процес [за трагедијата во Кочани] е тестот врз кој ќе се оценува решеноста на државата за европски реформи, за владеење на правото во реалноста… Кочани покажува дека владеење на правото не е техничко прашање, туку прашање на живот или смрт“, порача претседателката.

Во предметот за пожарот во Кочани, кој започна на 19 ноември, на обвинителна клупа седат 35 обвинети лица и три фирми. Меѓу нив, поранешни градоначалници, министри за економија, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, локални инспектори, сопствениците на дискотеката „Пулс“. Покрај овој, се водат истраги и за полицајци и лица од други институции, како УЈП, кои имале надлежност да постапуваат, секој во својот сегмент.

 

 

 

slobodnaevropa.mk