Словенија забрани величање на четниците и усташите

Словенечкиот Парламент ги изгласа измените на Законот за зачувување на јавниот ред и мир, со кој се забранува глорификација или истакнување на симболи поврзани со нацизмот и фашизмот, пренесува Анадолу.

„Забраната се однесува на држави, организации и групи, односно знамиња, ознаки, песни, униформи, па дури и однесување што би сугерирало на глорификација на нацизмот и фашизмот“, објавија медиумите во Словенија.

Според тоа, покрај словенечките соработници на фашистичките сили, на списокот на забранети се најдоа и четниците и усташите.

Казната за прекршителите на законот ќе биде од 500 до 1.000 евра, се наведува во усвоените измени на Законот за зачувување на јавниот ред и мир.

„За“ гласале 48 делегати, додека шестмина биле „против“. За време на гласањето на седницата не присуствуваа претставници на СДС, чиј претседател е Јанез Јанша, поранешен премиер на Словенија во три мандати.

 

извор:Анадолија