Спасовски на новогодишно дружење со децата на припадниците на САЕ ,,Тигар”, ЕБР и ЕОП

Денеска, (30.12.2023) за првпат во Министерството за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со шефот на кабинет, Митко Бојмацалиев, предновогодишно поделија пакетчиња во присуство на Дедо Мраз и се дружеа со децата на припадниците и припадничките на Специјалната антитерористичка единица ,,Тигар” во касарната Илинден и со децата на припадниците на Единицата за брзо распоредување и Единицата за обука и поддршка во Полицискиот центар ,,Ѓорче Петров”.
Раководството на МВР со децата сподели најубави желби за Новата година и разговараа за тоа колку е важна професијата на нивните родители во служба на граѓаните и за заедницата. Притоа, Спасовски и Бојмацалиев изразија благодарност и почит кон храбрите припадници и припаднички на специјалните сили, кои секојдневно неуморно работат за да ги зачуваат мирот и нашата безбедност.
„Децата се нашата иднина и нашата најголема радост. Посакувам здравје, среќа и многу успеси на нивните родители кои се суштински столб на полициското работење. Нека овој новогодишен настан биде симбол на нашата заедничка надеж и ангажман за подобро утре. Заедно, солидарни и со меѓусебна поддршка, можеме да градиме подобро општество и посветла иднина за сите”, рече Спасовски.
Потенцирајќи дека за првпат се организира вакво дружење на министерот Спасовски со децата на припадниците на специјалните единици, Бојмацалиев рече:
„Ова раководство на МВР во своите стратешки определби се одликува со постојана грижа за луѓето професионалци, непоколебливи и решителни во извршувањето на професионалните секојдневни задачи, посветени на една повисока цел – заштита на заедницата, сигурноста и безбедноста на сите граѓани”, истакна Бојмацалиев.
МВР