Спасовски: ,,Петарди НЕ – безбедност пред сè“- кампања за превенција од употреба на пиротехнички средства

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со директорката на Клиниката за пластична и реконтруктивна хиругијата, доц. д-р Софија Пејкова и Генералниот секретар на Црвениот крст, д-р. Саит Саити, на Плоштад ,,Македонија„ присуствуваа на показна вежба во склоп на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства „Петарди НЕ – безбедност пред сè“, во организација на СВР Скопје – Одделение за превенција и Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка на Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија. Фокусот на кампањата е ставен на ризиците од употреба на петарди и пиротехника со цел да се влијае на подигање на свесноста на граѓаните за опасностите што произлегуваат од неовластеното користење на пиротехнички средства.

Спасовски во изјавата за медиуми рече дека кампањата „Петарди НЕ – безбедност пред сè“, оваа година ја реализираме во партнерство со Универзитетската Клиника за пластична хирургија со цел да се влијае на свесноста на граѓаните и младите да не употребуваат пиротехнички средства. „Заеднички тимови од Одделенијата за превенција на МВР и лекари од Клиниката за пластична хирургија месецов посетија над 50 средни училишта во Скопје и ширум државава, каде беа одржани повеќе од 200 презентации и превентивни активности на темава. На повеќе од 5000 деца директно им беа објаснети последиците од користење петарди од медицински аспект, но и санкциите кои следуваат при нивна употреба.

,,Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането, а празничното пукање со петарди може да биде исклучително опасно по животот и здравјето, оставајќи екстремно тешки последици кои можат да го запечатат животот на младиот човек. Пораката од сите нас гласи: Петардите се опасни, штетни и воопшто не се ‘кул’-рече Спасовски.

,,Министерството за внатрешни работи, во рамките на своите надлежности, само минатата година има запленето 86.639 парчиња пиротехника, а оваа година заклучно со ноември имаше околу 21.000 парчиња, а само во последниве 10-тина дека се запленети околу 40 илјади најразлични пиротехнички средства и таа бројка уште ќе се зголемува. Овие активности на Министерството за внатрешни работи се континуирани, со засилена динамика пред и околу празниците, имајќи го предвид сезонскиот предзнак на пиротехниката, сѐ со цел да ја зголемиме свесноста кај младите, но и кај нивните родители, укажувајќи дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето на младите-истакна министерот Спасовски .

Спасовски констатираше дека со спроведените интензивни кампањи и превентивни активности, минатата година помина без ниту една регистрирана повреда од петарди и пиротехнички средства, а МВР и годинава продолжува да дејствува во таа насока.

Директорката на Клиниката за пластична и реконтруктивна хиругијата, доц. д-р Софија Пејкова рече дека фокусот на оваа кампања е колективно да ја подигнеме свеста за опасностите од употребата на петарди, со цел да се спречат повредите и трајните компликации од нив.

„Алармантен е фактот дека најголем ризик за повреди од петарди се рацете, кои се од суштинско значење за нашите секојдневни активности. Дури и мала експлозија може да доведе до траен инвалидитет, што понатаму влијае и на физичките способности и на емоционалната благосостојба.“, истакна доктор Пејкова.

Генералниот секретар на Црвениот крст, д-р. Саит Саити истакна дека Црвениот крст во пресрет на новогодишните празници, кога се забележува поголема употреба на пиротехнички средства, се приклучува кон кампањата на МВР , насочена кон целокупната популација со цел да се подигне јавната свест за опасностите кои се јавуваат од употреба на петарди.

„ Во сферата превенција, нашите волонтери ќе ги нагласат негативните последици кои може да настанат како последици од употреба на петарди, ќе се симулираат повреди кои може да бидат крајно сериозни по безбедноста и здравјето на секоја индивидуа и ќе се приклучиме кон целокупните напори за надминување на употреба на петарди и други пиротехнички средства кои може да предизвикаат сериозни повреди.“, потенцираше Саити.

На показната вежба учествуваа волонтери од Црвениот крст а присуствуваа и средношколци од медицинското училиште „Панче Караѓозов“ и скопската гимназија „Јосип Броз Тито“.

извор:МВР