Пекинг јавно се претставува како неутрална страна во војната предизвикана од целосната инвазија на Русија врз Украина, тврдејќи дека го почитува територијалниот интегритет на Украина, нагласувајќи ја потребата од решавање на безбедносните загрижености на Русија.
Но, зад сцената, тоа можеби се менува.
Според претставници на ЕУ кои разговараа со РСЕ под услов да останат анонимни, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји минатата седмица ѝ рекол на шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, дека Пекинг не може да прифати пораз на Русија во војната, бидејќи тоа би му овозможило на Вашингтон да се фокусира на Кина.
Ова зачудувачко признание, првично објавено од „Саут Чајна Морнинг Пост“, дојде за време на четиричасовна дискусија со Калас во Брисел, која опфати низа теми, од трговски практики до владини субвенции за електрични возила, Тајван, ситуацијата на Блискиот Исток и секако, војната во Украина.
За време на тие разговори, Брисел ја обвини Кина дека е на страната на Москва и истакна дека инвазијата на суверена земја е спротивна на меѓународното право.
Пекинг наводно изразил забелешки за обвинувањата на ЕУ дека Русија користи кинески производи и други компоненти во своите воени напори, пред да укаже на стравот од западните санкции против кинеските финансиски институции и евентуалната победа на Украина во конфликтот.
Знаците за незадоволство на Брисел од Кина поради војната се натрупуваат.
Во мај, во доверлив извештај на ЕУ беше наведено дека Кина, вклучувајќи го и Хонг Конг, е одговорна за „приближно“ 80 проценти од заобиколувањето на санкциите против Русија.
slobodnaevropa.mk




