Строги правила, казни и забрани во студентските домови

Студентите што ќе внесуваат алкохол или дрога во домовите, ќе се однесуваат насилно или ќе вршат дискриминација, може да останат без право на сместување во студентските домови во Северна Македонија и до пет години. Ова го предвидуваат предложените измени на Законот за студентскиот стандард, кои носат нови правила, построги казни и старосна граница од 30 години за прием во државните студентски домови.

Измените и дополнување на Законот за студентскиот стандард по скратена постапка, се поднеснеи од група пратеници во македонското Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според предлагачите, целта на измените е да се обезбеди поголема правна сигурност, подобра заштита на студентите и појасно дефинирани услови за престој во државните студентски домови.

Старосна граница од 30 години за сместување
Една од најзначајните новини во предложениот закон е воведувањето старосна граница како услов за прием во државните студентски домови. Според предложените измени, право на сместување и исхрана ќе имаат студентите кои студираат надвор од местото на живеење, под услов на денот на поднесувањето на барањето за прием да немаат наполнето 30 години.

Со ова во законот прецизно се дефинира старосен лимит за користење на услугите во државните студентски домови.

Нови правила и класификација на прекршоците
Предлог-законот предвидува појасна поделба на прекршувањата на куќниот ред на полесни и потешки повреди, со цел да се обезбеди поефикасно санкционирање на несоодветното однесување во студентските домови.

Како полесни повреди се дефинираат недолично однесување, пушење во студентскиот дом, пуштање гласна музика, неодржување хигиена во собите и заедничките простории и предизвикување помала материјална штета. За овие прекршоци може да се изречат писмена опомена или опомена пред отстранување од домот.

Потешки прекршоци носат строги казни
Значително построги санкции се предвидуваат за потешките повреди на куќниот ред. Во оваа категорија спаѓаат навредливо, заканувачко, агресивно или насилничко однесување, физичко или психичко малтретирање, дискриминација и вознемирување, внесување и употреба на алкохол и наркотични средства како и предизвикување национална или расна нетрпеливост.

Ќе се казнува и неодговорно однесување со кое се предизвикува поголема материјална штета, непријавување дефекти што може да доведат до поголема штета, отстапување на соба на друго лице заради стекнување материјална корист, неплаќање на трошоците за сместување подолго од три месеци, непочитување на прописите за заштита од пожар, болести, експлозии и други безбедносни ризици, како и оневозможување контрола од страна на овластени лица во студентскиот дом.

Според предложените измени, овие прекршоци ќе се сметаат за сериозно нарушување на редот и безбедноста во студентските домови.

 

 

DW