Работата на судиите ќе биде подложена на систематски преглед. „Нога повлече” апелацискиот судија Ѓоко Ристов, осомничен за противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен со дејствија на корупција и трговија со влијание, при што во домот на неговите родители во Неготино беа најдени соѕидани 350 илјади евра. Но тој сигурно нема да биде единствениот судија чија работа ќе биде под лупа на Судскиот совет.
Советот на седница донел одлука да биде проверена работата на сите судии во Апелациониот суд Скопје, но и не само таму. Според претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, планот е да се продолжи со проверка на работата на судиите во сите апелациони судови, како и на судиите во основните судови во целата земја, според план и динамика што треба да се утврди.
Таа постапка бара време. Со оглед дека станува збор за обемна работа, но и ограничени кадровски ресурси на Судскиот совет, проверката не може истовремено да тече во сите судови, па извесно е дека најпрво ќе почне во најголемите судови во земјата – Апелациониот, Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје.
Многу претставки, колку казни?
Најмалку шест предмети во кои постапувал апелациониот судија Ѓоко Ристов, во моментов се под лупа на Судскиот совет, по добиени аномнимни претставки. Засега нема податоци дали Комисијата утврдила одреден пропуст во неговото работење, бидејќи се уште се разгледуваат предметите, а извештајот се очекува до крајот на неделава.
Претставки за работата на судиите има многу. Според претседателот на Судскиот совет, речиси секој судија во државата е опфатен со некаква претставка.
„Четристотини и двесет судии се, сите се опфатени. Огромен процент од нив се однесуваат на странка која што не е задоволна од исходот на спорот. Вложува жалба до повисок суд, а истовремно праќа претставка кај нас и содржината речиси е иста со жалбата“, ја опиша Камбовски состојбата во гостување на ТВ Сител.
За судијата Ристов во последните три години имало 4-5 претставки, но не поеднични за него, туку „во пакет” со други судии. По сите тие претставки било постапено. Лани Ристов бил парично казнет од Судскиот совет, заради утврдена повреда за случај кога не се изземал во предмет во кој требало да се изземе.
Најчестиот „лек“ – парична казна
Судскиот совет и во претходни случаи најчесто при утврдени повреди во работата на судиите изрекуваше парични казни. Последниот објавен извештај за работата на ова тело во 2024 година, го покажува истиот тренд.
По поднесени барања, во 2024 година Советот на 6 судии им изрекол дисциплински мерки: на еден судија намалување на плата во висина од 15% од месечната плата во траење од три месеци, на двајца намалување на плата во висина од 30% во траење од шест месеци, на четвртиот намалување на платата од 30% во траење од два месеца, а на двајца судии им била изречена дисциплинска мерка – Јавен укор.
Во 2024 година биле поднесени 97 барањa за утврдување на одговорност за судија или претседател на суд против 210 судии. Комисиите на известители отфрлиле 130 барања, а Советот донел одлука за запирање на 49 постапки за утврдување на одговорност против судија или претседател на суд.
Во 2024 година кај еден судија бил утврден престанок на судиската функција, поради тоа што бил осуден со правосилна судска одлука.
DW




