Течат рочиштата за определување мерка краткотраен притвор за 8 лица што ја побара Обвинителството

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски синоќа најави барање мерки за краткораен притвор за 10 лица, но набрзо обвинителството информираше дека ќе се бара за 11, за кои досега бил поведена постапка на проверки. Утрово течат рочиштата за определување притвор во Основниот суд во Кочани, информираа од Обвинителството, а во текот на денот ќе известат и за другите мерки кои ќе се преземат, по вчерашниот пожар во кочанската дискотека во која загинаа 59, а беа повредени над 150 лица.

„Предлог за краткотраен притвор е веќе поднесен за 8 лица, додека останатите 3 сѐ уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба. Постапката во однос на нив ќе продолжи веднаш кога состојбата ќе им се подобри. Дејствија продолжуваат да се преземаат за испитување на одговорност на повеќе лица“, велат од Обвинителството.

Денеска ќе продолжи увидот на местото на трагедијата. Сегашниот тим од шест обвинители ќе биде засилен со уште три до пет обвинители, бидејќи, како што рече обвинителот Коцевски, станува збор за сложен предмет.

Ќе вложиме максимални напори
Додека надлежните институции ги истражуваат сите аспекти кои придонеле за трагаедијата, со големо внимание се следи здравствената состојба на повеќе од 20 најтешко повредени, кои од синоќа се транспортирани во болници во соседните земји.

„Состојбата на повредените од Северна Македонија е сериозна“, изјави на брифинг проф. Николај Габровски за лицата кои се примени на лекување во софиската болница „Пирогов”.

Тие со авион на бугарското воено воздухопловство „Спартан” вчера беа транспортирани во Софија.

„Бугарија се обврза да прифати 14 лица на лекување. Осум ќе бидат во ‘Пирогов'”, прецизира Габровски.

Пет од нив на возраст меѓу 22 и 25 години пристигнале вчеравечер, од кои тројца биле ставени на апарати за дишење.

„Состојбата на пациентите е сериозна, не можеме да кажеме ништо повеќе, бидејќи во моментов се примени. Ќе вложиме максимални напори за нивно лекување“, ја пренесоа бугарските медиуми изјавата на Габровски.

По 21 часот таму беа хоспитализрани уште три лица на возраст под 17 години. Утрово д-р Валентин Димитров, директор на „Пирогов”, изјави дека сите се донесени во тешка состојба. Исто така, три повредни лица се пренесени во Пловдив и три во Варна.

Сочувство за изгубените животи вчера изрази државниот врв на Бугарија, сите партии, како и бугарскиот патријарх Даниил кој имал телефонски разговор со архиепископот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан. Со минута молк, цвеќе и свеќи, сочувство пред македонската амбасада во Софија изразиле и граѓани, меѓу кои и претходниот бугарски амбасдор во Македонија, Ангел Ангелов.

 

 

DW