Денеска заедно со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григоријан, го посетивме локалитетот „Маркова Нога“, каде во тек се активности за воспоставување на новиот граничен премин меѓу Македонија и Грција.
Министерството за внатрешни работи во целост ги вложува своите капацитети во реализацијата на овој стратешки проект, преку реконструкција и опремување на граничната полициска станица со поддршка на Европската Унија.
Отворањето на граничниот премин „Маркова Нога“ ќе значи повеќе од нова гранична точка. Тоа е нова можност за развој на Преспанскиот регион, за поголема поврзаност на граѓаните, за унапредување на туризмот, економската и културната соработка, како и за дополнително зајакнување на добрососедските односи.
Истовремено, преку современи стандарди за гранична контрола и безбедност, ќе придонесеме за поефикасно управување со границите и уште посилна регионална соработка.
Продолжуваме да работиме на проекти кои ги поврзуваат луѓето, ги отвораат перспективите за локалните заедници и ја носат Македонија чекор поблиску до европските вредности и стандарди.



