Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека денеска ќе се одржи средба на највисоко ниво меѓу претставници на Израел и Либан, во услови на продолжената војна меѓу Израел и либанската шиитска милиција Хезболах.
Во објава на својата платформа Трут Соушл, Трамп наведе дека „лидерите на двете соседни земји немале директни разговори со децении – сигурно 34 години“. „Утре (четврток) ќе се случи. Одлично!“, напиша тој, без да прецизира кои функционери ќе учествуваат на средбата.
Во моментов, функцијата премиер во Либан ја извршува Наваф Салам, додека израелски премиер е Бенјамин Нетанјаху. Претседатели на државите се Жозеф Аун во Либан и Исак Херцог во Израел.
Според Трамп, целта на разговорите е обид да се „создаде простор за деескалација меѓу Израел и Либан“. Тој потсети дека претставници на двете држави веќе одржале директни разговори на политичко ниво во Вашингтон во вторникот вечерта – први од ваков вид по неколку децении.
Меѓутоа, високи по ранг либански извори ги негираа овие планови. „Немаме сознанија за каков било планиран контакт со израелската страна и не сме информирани за тоа преку официјални канали“, дознава новинската агенција АФП од високи извори во Бејрут.
Израел бара разоружување на Хезболах
Израелскиот премиер Нетанјаху, според соопштението од неговиот кабинет, потврди дека Израел води преговори со Либан. Како што наведе, преговорите имаат две клучни цели: разоружување на проиранската милиција Хезболах и постигнување траен мир.
„Мир преку сила“, нагласи Нетанјаху, алудирајќи на позицијата на израелската влада во однос на безбедносната состојба во регионот.
Либанската влада, која не е директна страна во конфликтот меѓу Израел и Хезболах, се залага за воспоставување примирје и повлекување на израелските сили од југот на Либан.
Израелскиот безбедносен кабинет, според медиумските извештаи, истата вечер требало да расправа за можноста за прекин на огнот. Сепак, состанокот завршил без донесување одлука, објави новинарот на порталот „Аксиос“, Барак Равид, на платформата X.
DW




