Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран „разговара сериозно“ со САД по неговите закани за обнова на воената акција и во услови на зголемување на американската „армада“ во напнатиот регион на Блискиот Исток.
Техеран „разговара со нас и ќе видиме дали можеме да направиме нешто. Инаку, ќе видиме што ќе се случи… Имаме голема флота што се упатува таму“, изјави Трамп за Фокс њуз на 31 јануари: „Тие преговараат“.
Подоцна, тој им рече на новинарите во Ер Форс Уан дека „тие разговараат со нас – сериозно разговараат“. Не беше веднаш јасно под какви околности би можеле да се водат такви разговори.
Трамп, исто така, рече дека американската администрација не ги информирала нервозните сојузници во регионот за можни воени напади, наведувајќи ги безбедносните проблеми.
„Па, не можеме да им го кажеме планот. Ако им го кажам планот, тоа би било речиси исто толку лошо како вас да ви го кажам планот [на медиумите]. Всушност, може да биде и полошо“, рече тој.
Трамп јавно зазеде цврст став против автократските владетели на Иран, во услови на репресија врз антивладините демонстранти на улиците на Техеран и други градови низ целата земја.
На 29 јануари, тој рече дека Иран мора да ја запре својата нуклеарна програма и да престане да „убива демонстранти“, тврдејќи дека тие барања им биле пренесени на иранските власти.
slobodnaevropa.mk




