Трамп фрли око на замрзнатите руски милијарди, но Европејците порачуваат дека само тие имаат право да одлучат што ќе биде со парите во Европа

Европејците се бесни поради предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп, милијарди од руските средства замрзнати во европските земји да бидат употребени во корист на американската влада и фирми.

Европска тревога по предлогот на Трамп за руски средства
По предлогот на Трамп за прекин на војната во Украина – кој подразбира дека Украина ќе предаде дел од територијата и ќе ги намали своите вооружени сили – Европејците побрзаа да ја поправат штетата и излегоа со свој предлог.

„Секој ден нешто се менува“, рече државниот секретар Марко Рубио по состанокот со Европејците во Женева. Но, останува нејасно дали ќе успеат да ја задржат контролата врз тоа како се трошат замрзнатите средства на Русија.

Агат Демара, виш истражувач по геоекономија во Европскиот совет за надворешни односи вели дека руските милијарди изгледа се клучната мотивација на Трамп за притисок за договор.

„Трамп е исклучително заинтересиран да ги добие тие милијарди“, рече таа за ДВ.

Каде се наоѓаат замрзнатите руски милијарди во Европа?
Кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година, речиси 300 милијарди евра од нејзиниот капитал беа надвор од Русија и потоа беа замрзнати со западните санкции. Тука се вклучени пари на банкарски сметки, хартии од вредност, недвижности и јахти. Иако многу земји – вклучувајќи ги САД, Канада, Велика Британија и Јапонија – имаат дел од овој имот, најголемиот дел се наоѓа во државите на ЕУ, пред сѐ во Белгија.

Евроклир, финансиски депозитар со седиште во Брисел, држи околу 180 милијарди евра замрзнати руски средства.

Од почетокот на војната, Европејците расправаат дали и како да го користат рускиот имот за да ја натераат Русија да плати за војната што ја започна. Последната таква расправа се одржа во октомври, кога Белгија стави вето на „кредитот за репарација“ што ЕУ сака да ѝ го понуди на Украина за обнова на земјата.

Белгија стравува од правни проблеми и од тоа дека еден ден ќе биде таа од која Русија ќе ги бара своите пари назад. Затоа одбива да се согласи и бара одговорноста да се сподели со други земји.

ЕУ се надеваше дека ќе ги смири грижите на Белгија и ќе ја придобие на самитот кон средината на декември. Но, предлогот на Трамп го расипа планот и наместо тоа понуди она што Демара го опишува како предлог за „конфискација на рускиот имот што лежи во Европа“.

 

 

DW