Трамп ја отфрли можноста за употреба на сила за Гренланд и повика на итни преговори

Американскиот претседател Доналд Трамп во говорот на Светскиот економски форум во Давос во среда изјави дека САД нема да употребат сила за да го заземат Гренланд, но повика на итни преговори за преземање на данскиот остров.

Во време кога тензиите околу Гренланд покренуваат прашања за иднината на НАТО, Трамп рече дека САД ќе застанат 100 проценти зад алијансата, но се сомнева дека сојузниците од западниот воен сојуз ќе бидат тука за САД.

Говорот на Трамп во Давос беше долгоочекуван поради ескалацијата на тензиите меѓу европските земји и САД околу неговата намера да го заземе Гренланд, што тој го спомена неколку пати за време на својот говор.

„Тие имаат избор: можат да кажат „да“, а ние ќе бидеме многу благодарни, или можат да кажат „не“, а ние ќе се сетиме“, рече Трамп.

Американскиот претседател претходно изјави дека на САД им е потребен Гренланд – автономен дански остров – од причини за национална безбедност и закани од Русија и Кина.

„Нема да добиеме ништо освен ако не одлучам да употребам прекумерна сила – тогаш би биле незапирливи, но нема да го сториме тоа“, рече Трамп.

Како што нагласи, „Не морам да користам сила, не сакам да користам сила и нема да користам сила“.

„Сè што Соединетите Американски Држави бараат е Гренланд. Барам итни преговори за преземање на Гренланд“, рече Трамп.

 

 

 

slobodnaevropa.mk