Трета посета на Мицкоски на САД: за што се разговара?

„Имаме идеја, имаме план, Македонија има пријатели! – ова е единствената порака којашто ја испрати премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи при неговата последна посета на САД, кадешто информираше дека имал средба со Александар Касаноф, заменик помошник секретар за Западен Балкан, како и за печат и јавна дипломатија во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот.

„Разговаравме за состојбата во државата, европските интеграции и препреките со кои се соочува земјава на тој план“, вели Мицкоски.

Трета посета на САД
Ова е трета посета на македонскиот премиер на САД за многу кусо време. Првото патување во САД беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а во јануари годинава присуствуваше на инаугурацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп. Сега повторно е во неколкудневна посета на Вашингтон каде ќе присуствува на годишната Конференција за конзервативна политичка акција.

Владината портпаролка Марија Митева деновиве на новинарско прашање рече дека Мицкоски е поканет во САД како претседател на Владата. Тој за време на посетата на Вашингтон се очекува да има и билатерални средби, за што Митева најави дека ќе биде информирана јавноста.

Како дел од говорниците на оваа конференција се најавени и претставникот за специјални мисии на претседателот Доналд Трамп – Ричард Гренел, поранешниот висок советник на американскиот претседател Доналд Трамп – Стив Бенон и други. Како дел од многубројните говорници се најавуваат и актуелниот премиер на Словачка, Роберт Фицо, поранешната премиерка на Велика Британија Лиз Трас, британскиот радикал Најџел Фараж, потоа поранешниот премиер на Полска Матеуш Моравјецки и Џордан Бардела кој ја предводи екстремната десница во Франција, заедно со Марин Ле Пен. Мицкоски преку пост на Фејсбук најави дека и тој ќе биде меѓу говорниците на големиот собир на конзервативците, иако на официјалната страница такво нешто, досега, не е најавено.

Што се разговара зад затворени врати?
Во недостиг на подетални информации за средбите, се наметнува дилемата со кого ќе има средби премиерот и што ќе се разговара зад затворени врати. Очекувањата се дека Мицкоски, како и при минатата посета на САД, меѓу другото ќе побара поддршка од стратешкиот партнер за интеграцискиот процес на земјата.

Американската амбасадорка во земјата, Анџела Агелер, во средата (19.02) порача дека САД не даваат гаранции за патот кон ЕУ затоа што не се членка на Европската Унија, но таа е воодушевена што премиерот Христијан Мицкоски е во нова посета на Вашингтон.

„Воодушевена сум што премиерот и членови на неговиот кабинет се во Вашингтон. Станува збор за важни односи и мислам дека тоа што досега престојуваше таму неколкупати откако ја презеде премиерската функција, како и други министри, само зборува за блискоста на овие односи и за многуте начини на кои ние како САД и Северна Македонија можеме билатерално да соработуваме. Затоа со нетрпение очекувам нивно зацврстување“, изјави Агелер на свеченото примопредавање на мобилно оперативно возило, донација од САД за македонскиот Црвен крст.

 

 

DW